• вторник, 12 ноември 2024

Меџити и Гиновска во посета на „Дрисла“, разговараа за повисоки стандарди на депонијата

Меџити и Гиновска во посета на „Дрисла“, разговараа за повисоки стандарди на депонијата

Скопје, 4 ноември 2024 (МИА) - Оградување на депонијата „Дрисла“, изработка на пречистителна станица и изготвување техничка спецификација за набавка на инсенератор за уништување медицински отпад, биле тема на разговор на денешниот состанок во претпријатието во Скопје. Присутни на состанокот беа и првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, како и в.д. директорот на Јавното претпријатие - депонија „Дрисла“, Ненад Јосевски.

Министерот Меџити, во изјава за медиуми, рече дека разговарале отворено со директорот и неговата екипа, околу конкретни чекори за депонијата да биде со високи стандарди.

- Прво, значи оградувањето на „Дрисла“ треба да се врати, бидејќи тоа е ризично и штетно за граѓаните, треба и други инвестиции да се преземаат. Значи разговаравме детално и работиме заедно да најдеме решение, подвлече министерот.

Јосевски, в.д. директор на претпријатието, кажа дека во планот за јавни набавки им е изготвување ограда, изработка на пречистителна станица и изготвување техничка спецификација за набавка на инсенератор за уништување медицински отпад.

На новинарско прашање, дали е во план да се постават филтри во печката, бидејќи тоа било најголемо загадување, Гиновска појасни дека на денешната средба, се разговарало да се постави нова печка.

- Денеска разговаравме и за тоа дека треба да се постави нова печка, затоа што на постоечката, тие не можат да стават филтри, инаку, досега ќе имаа ставено. Затоа што не можат да постават филтри, треба да набават нова печка. Директорот нѐ запозна со тоа колку чинат такви софистицирани печки, затоа сме тука да видиме како Министерство, како Инспекторат, што можеме финансиски да помогнеме и да отпочнеме со модернизација на оваа депонија, изјави таа.

Изјава за медиуми даде и Сених Браховиќ од село Батинци, од невладината организација „Вакат“ (Време). Тој се осврна на проблемите на жителите на Батинци, Сопиште и Драчево, за кои, меѓу другото, рече дека живеат како „во контејнер“.

- Се надеваме дека оваа печка ќе се смени, ќе се вгради нова печка со филтри, за да може овој народ овде, да дише чист воздух, нагласи тој.

Нивни барања се и да се направи европска депонија, да се загради депонијата, да се направат пречистителни станици што идат во Маркова Река, затоа што реката страдала, внатре немало риби, жаби. бд/аа/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан