• среда, 18 декември 2024

Меџити: До почетокот на новата година во парламентарна процедура закон за правична застапеност

Меџити: До почетокот на новата година во парламентарна процедура закон за правична застапеност

Скопје, 17 декември 2024 (МИА) - Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити денеска нагласи дека до почетокот на новата година во парламентарна процедура ќе биде законот за правична застапеност.

-На крајот или почетокот на новата година во парламентарна процедура ќе биде законот за правична застапеност. На добар пат сме да го затвориме ова прашање. Во Владата се договоривме дека механизмот што беше укинат во Уставниот суд без наша вина, бидејќи овој суд не е избран од ова парламентарно мнозинство и се договоривме да го унапредиме оваа прашање. Значи, механизмот да го замениме со посебен закон за соодветна и квалитативна застапеност во државната и јавната администрација, рече Меџити денеска во гостување на емисијата „Дејли клик“ на ТВ 21.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера при телевизиско гостување нагласи дека работните групи работат на изготвувањето на закон за правична застапеност кој, како што рече, за бргу се очекува да се најде пред пратениците.

-Проблемот е во скрининг извештајот на ЕУ. Таа констатира дека балансерот е злоупотребен, дека му поминала таканаречената употребна вредност и дека треба да се замени со нешто коешто ќе има. Ние не стоиме и не чекаме, туку работат групи да направат закон за правична застапеност кој што ќе биде уставен и за бргу ќе се најде пред пратениците во Парламентот. Немојте да мислите дека ние сакаме да бидеме влада којашто ќе јава на полето на фрустрацијата што ќе се креира кај граѓаните, рече Мицкоски.

Уставниот суд на Северна Македонија на 9 октомври го укина балансерот, алатка која се користеше при вработувањето во јавната администрација со цел да има соодветна и правична застапеност на етничките заедници. Укинувањето на балансерот следува откако претходно на 18 септември, уставните судии одлучија да отворат предмет и привремено ја „замрзнаа“ употребата на балансерот додека да се донесе денешната конечна одлука.фф/лв/

Фото: Принтскрин од видео

Остани поврзан