• сабота, 23 ноември 2024

Меџити: Двоцифрен број на нови лекови на позитивна листа многу брзо 

Меџити: Двоцифрен број на нови лекови на позитивна листа многу брзо 

Скопје, 27 декември (МИА) - Двоцифрен број на нови лекови на позитивна листа многу брзо, најави денеска министерот за здравство Фатмир Меџити, одговарајќи на прашања, по брифингот со новинари. 

Министерот рече дека многу труд бил вложен за трајно вработување на здравствени работници, кои по неколку години се работно ангажирани во здравството. Тој додаде дека ова останува под знак прашалник уште неколку дена, до петок,  кога ќе го има конечниот одговор. Бројките биле усогласени со Министерството за финансии и Фондот за здравство, но, потребен бил уште еден состанок за дефинитивна одлука. 

Во врска со загадениот воздух, тој рече дека како и секаде во светот, Министерството за здравство повикува на превентивни мерки а од наредната година, повтори оти многу динамично ќе се пристапи и со ригорозни мерки, заедно со други министерства и институции. 

- Ќе има ригорозни мерки и за загадувачите. Мора да се стремиме кон таа зелена и еколошка светска карта, нагласи Меџити. 

Министерот одговори дека идентификувано е лицето, што, според фотографии на социјалните мрежи, пуши во здравствена институција на работното место.

-  Најстрого ќе биде санкционирано спрема законот. Суспендирано од местото на работа, а ќе се формира и дисциплинска комисија, сите мерки ќе бидат преземени согласно законот за здравствена заштита, подвлече Меџити, информирајќи дека по Нова година, ќе има засилени контроли, ќе се влезе во секоја институција, за да се укаже, да се подобрат здравствените услуги. 

Но, тој повика и да се менуваат навиките, да се почитуваат законите и да се пријавуваат вакви нерегуларности.   

- Мора превентивно да се влијае, особено кога станува збор за пушењето, бидејќи со тоа, покрај грижата за сопственото и туѓото здравје, се влијае и врз тоа колку болестите врз кои влијаело и пушењето, ја чинат државата, истакна министерот. 

Според него, пушењето не е зависност, туку лоша навика. Најави најстроги санкции за сите, особено за здравствените работници кои нема да го почитуваат законот. Но, пред да се казнува, ќе се апелира на штетноста од пушењето. Бидејќи, како што истакна министерот, секоја лоша навика може да доведе до болест од која, можеби, нема да има спас. бд/лв/

Фото: МИА 

Остани поврзан