• среда, 25 декември 2024

Меџити: Да вложиме напори за зачувување на јазикот и нашиот културен идентитет

Меџити: Да вложиме напори за зачувување на јазикот и нашиот културен идентитет

Скопје, 22 ноември 2024 (МИА) - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска се обрати на свечената академија „Денови на азбуката“ во организација на Институтот за културно и духовно наследство на Албанците (ИКДНА).

Под покровителство на Меџити, како што информира МЖСПП, се организираат настани за одбележување на Денот на албанската азбука - 22 Ноември. 

- Јазикот е основната одредница на албанската целина која ги преминува политичките и територијалните граници и која денес ја хомогенизира албанската нација како целина. За да живее или преживее еден народ, потребно е да се кодифицира или систематизира колективната меморија во организирана форма или, поедноставно, во писмени докази што го преживуваат времето. А за овие сведоштва да се зачуваат, да се организираат во мисли, литература, уметност, политички концепти и слично, мора да постои организиран хомогенизирачки елемент на националниот идентитет, а тоа е јазикот. А јазикот без азбука нема начин на изразување, нема глас, како да не постои, истакнал Меџити.

Нашата должност како интелектуалци, политичари, проучувачи и истражувачи, како штто навел Меџити, останува да вложиме напори за зачувување на јазикот и нашиот културен идентитет.

- Во овој контекст, јазичните политики на институциите се од речиси егзистенцијално значење за заштита и негување на јазичниот идентитет на една етничка група, затоа, сакам јавно пред вас да изјавувам дека Владата на Северна Македонија е решена да гради такви институционални политики кои ќе ги почитуваат и негуваат јазичните разлики и ќе ги третираат како средства и додадени вредности на општеството. За да го докажеме тоа, ќе поддржуваме и стимулираме културно-уметнички настани, научни и академски проекти, кои ќе ја негуваат нашата различност како драгоцен квалитет на кој сите сме горди, изјавил Меџити.

На денешната манифестација учествувале министри, пратеници, претставници од амбасадите на САД, земјите од ЕУ, Албанија, Косово и од земјите од регионот.

Во рамки на одбележувањето на Денот на албанската азбука, денеска се одржа свечената академија во Владата, а во Собранието се додели државната награда „22 Ноември“. мд/лв/

Фото: МЖСПП 

Остани поврзан