• среда, 27 ноември 2024

Вонреден инспекциски надзор за смртта на родилката од Делчево

Вонреден инспекциски надзор за смртта на родилката од Делчево

Скопје, 28 декември 2023 (МИА) - Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска изјави ќе биде спроведен вонреден инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за смртта на родилката од Делчево. 

- За жал, вакви случаи во здравство се случуваат насекаде во светот. Тоа што е моја одговорност, утрово иницирав вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Кога ќе имаме конкретен извештај, ќе го споделиме со јавноста, изјави Меџити, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими. 

Директорката на ДЗСИ Рената Младеновска во изјава за МИА претходно потврди дека денеска ќе биде испратен инспектор во штипската Клиничка болница. Таа најави дека во текот на утрешниот ден ќе ги има првите информации за овој случај. 

Со соопштение денеска излезе и Клиничката болница од Штип во кое се наведува дека 26-годишната пациентка била примена на Одделот за гинекологија и акушерство на 26 декември околу 10:20 часот, за породување.

- Десетина минути подоцна, пациентката колабира, со ниска тензија, немерлив пулс и знаци за шок. Веднаш е внесена во операциона сала, направено е итно породување со царски рез на бебето, кое е веднаш транспортирано на Детска клиника, а поради голема количина на крв во абдоменот, четворица хирурзи почнуваат операција за спас на пациентката. И покрај дадената крв и крвни деривати и операција, пациентката предоперативно, за време на операцијата и постоперативно е со тешка клиничка слика и хемодинамски нестабилна, се вели во соопштението од Клиничка болница-Штип

Родилката од Делчево почина на КАРИЛ во Скопје, а бебето моментално е на Детската клиника во Скопје. бд/вдј/

Фото: МИА архива

Остани поврзан