• среда, 13 ноември 2024

Мејси Греј: Промената на полот не Ве прави жена

Мејси Греј: Промената на полот не Ве прави жена

Лос Анџелес, 6 јули 2022 (МИА) - Пејачката, текстописец и добитничка на „Греми“ за хитот „I Try“, Мејси Греј привлече лавина забелешки за нејзините коментари околу трансродовата заедница.

Во интервјуто во „Шоуто на Пирс Морган - без цензура“, музичарката говореше за „збунувачката состојба“ на родовиот идентитет - конкретно околу употребата на небинарните заменки на англискиот јазик. Иако се согласи со Морган за поддршката на правата на трансродовите лица за „праведност и еднаквост“, таа смета и дека на трансродовите жени „родени во очигледно супериорни физички тела“ треба да им се забрани да се натпреваруваат против биолошките жени во спортот. - Целосно се согласувам. Ќе го кажам ова и сите ќе ме мразат... Но, како жена, самото тоа што сте промениле дел од телото, не Ве прави жена. Извинете!, истакна соул-џез пејачката. Таа вели дека ќе го почитува сечиј идентитет. - Ако сакаш да те наречам „таа“/„неа“, ќе го направам тоа, бидејќи тоа е она што го сакаш, но тоа не те прави жена само затоа што те нарекувам така и само зашто си се оперирал, нагласи Греј, додавајќи дека ова не значи дека таа е „трансфобична“, ако некој не се согласува со тоа. Греј рече дека нејзините ставови произлегуваат од личното искуство со полот и „целосно уникатното искуство“ од растењето, како млада жена, за кое смета дека мора да се живее за да се постигне женственост. По критиките на интернет, Греј подоцна појасни дека е поддржувач на ЛГБТ-заедницата и борбата за нивните права. „Немам ништо друго освен љубов кон ЛГБТ и трансродовите заедници. Јас сум нивен поддржувач уште од првиот ден и никогаш не лажам и не се преправам. Мојата изјава кај Пирс Морган беше ГРОЗНО погрешно разбрана. Го почитувам сечие право да биде кој и да сака да биде“, напиша таа на Твитер денеска.  си/сд/

Остани поврзан