• вторник, 24 декември 2024

Меѓусебното разбирање како клуч за успешна врска

Меѓусебното разбирање како клуч за успешна врска

Олбени, 23 септември 2024 (МИА) - Љубовта е основата на секоја врска, но има уште еден многу важен услов за здрава и среќна врска, вели психологот Џефри Бернстин од Универзитетот на Олбени во американската сојузна држава Њујорк за „Сајколоџи тудеј“ (Psychology Today).

- Разбирањето на Вашиот партнер е она што e навистина важно во врската. Сфаќањето на емоциите, желбите и фрустрациите на Вашиот партнер е исто толку важно, ако не и поважно од самата љубов. Во случаи на развод, честопати ги слушам паровите како велат: „Сè уште се сакаме, но се оддалечивме“... Таа изјава ја нагласува клучната точка: Љубовта без разбирање често не е доволна за да се одржи врската. Во мојата книга „Зошто не можеш да ми ги читаш мислите?“ (Why Can’t You Read My Mind?), истражувам како емпатијата, т.е. способноста да се разберат емоциите на партнерот, делува како емоционално сврзно средство коешто ги одржува врските, објасни Бернстин.

Тој појаснува дека почитта, сочувството и меѓусебното разбирање овозможуваат искрена поврзаност меѓу партнерите. Кога ги разбираме мислите и чувствата на партнерот или партнерката, ги потврдуваме неговите/нејзините искуства и создаваме безбедна средина којашто поттикнува поголема блискост и подлабока комуникација меѓу двајцата.

- Тоа истражување ја потврдува моќта на разбирањето во врските. Паровите кои практикуваат активно слушање и емпатична комуникација пројавуваат поголемо задоволство од врската. Емпатијата и разбирањето се најсилните показатели за долгорочен успех во врските, нагласувајќи дека разбирањето е основата на трајната љубов, посочува психологот.

Стручњакот сподели неколку совети за подобро разбирање на другиот во врската. Тоа се: Вежбајте активно слушање; разговарајте со сочувство; бидете трпеливи, но упорни; ставете се во неговото/ нејзиното место и положба; поставувајте отворени прашања.

Според Бернстин, меѓусебното разбирање е клучен елемент на успешната врска, бидејќи емпатијата и комуникацијата создаваат подлабока емотивна врска којашто им овозможува на партнерите да го зајакнат својот однос дури и во најтешките мигови.  си/мс

Фото: Пиксабеј

Остани поврзан