• четврток, 26 декември 2024

Меѓународниот хорски фестивал ТЕХО одбележа јубилејни и историски 50 години постоење

Меѓународниот хорски фестивал ТЕХО одбележа јубилејни и историски 50 години постоење

Тетово, 26 јуни 2023 (МИА) – Со два фестивалски денови и настап на 17 хорови и околу 600 хористи, Меѓународниот хорски фестивал ТЕХО одбележа јубилејни и историски 50 години постоење.

Фестивалот, кој прв пат се одржал во 1973 година, вчера со три часовен концерт на седум хорови го реализираше овогодишното издание. Претходно, на пладне со три хорови настапија со православна духовна музика во соборната тетовска црква Свети Кирил и Методиј. Во саботата во тетовскиот центар за култура настапија уште седум хорови.

Претседателот на Управниот одбор на фестивалот и диригент на женскиот младински хор „Менада“, Ивица Зориќ му оддаде посебна благодарност на неговиот колега Љубомир Трифуновски кој со два хорови од Битола ги поминал сите изданија на ТЕХО од 1973 година до минатото издание во 2022 година.

- Тој е човекот којшто настапуваше на првото ТЕХО и континуирано настапуваше сè до минатиот фестивал, човек којшто е маратонец во хорската музика. Вечерва беше присутен тука и физички и со неговата композиција „Мечкин Камен“ која ја изведе хорот „Стив Наумов“ од Битола. Остави трага на хорската музика, за што му благодариме искрено од срце сите ние присутни тука, и оние со кои работеше Љубо во хоровите. Љубо настапуваше на ТЕХО со Женскиот младински хор и со хорот „Стив Наумов“, истакна Ивица Зориќ.

Љубомир Трифуновски порача да се помагаат луѓето од организацијата на фестивалот ТЕХО затоа што 50 години на овој начин успешно работат на афирмација на хорската музика и на Македонија.

-Јас цела младост овде ја поминав 50 години, со два хора доаѓав на фестивалот и се радувавме, правевме музика, а таа музика ја правиме затоа што фестивалот и понатаму постои затоа што големи борци имате тука во организацијата на фестивалот. Овој град ми е втор град, јас цел свет го прошетав со овие хорови, покрај женскиот и мешаниот хор имав и пионерски хор. Овие луѓе што го организираат фестивалот помагајте ги, мислам дека највреден фестивал што се држи во Македонија е ТЕХО затоа што тука поминуваат илјадници луѓе. Луѓе кои сакаат музика, коишто членуваат во ансамблите, одат по целиот свет, ја претставуваат Македонија, ја афирмираат Македонија со своите дела и носат бројни награди, порача Трифуновски.

Годинава генерален покровител е претседателот Стево Пендаровски кој се обрати преку видеопорака.

Вчера во центарот за култура настапија Мешан хор „Стив Наумов“ од Битола, Мешан камерен хор „Vox Lihnidos“ од Охрид, Женски камерен хор „Света Злата Мегленска“ од Скопје, Универзитетски хор „Хаџи Зека“ од Пеќ, Косово, Градски мешан хор „Вардар“ од Скопје, Хор при Словенечко здружение „Франце Прешерн“, и Градски женски младински хор „Менада“ од Тетово.

Во соборниот храм настапија Градско хор „Астибо“ од Штип, Женски камерен хор „Керамија“ од Прилеп и Академскиот хор при Студентски културен центар од Ниш, Србија.

На првата вечер настапија детскиот хор „Лале“ и хорот „А капела“ од Тетово, „Гортинија“ од Гевгелија, Македонски камерен хор од Нов Зеланд, хор „Розафа Експрешн“ од Скадар, Албанија, Женски младински хор при Младински културен центар Скопје и Академскиот хор при Студентски културен центар од Ниш, Србија. Во фоајето на Центарот беа изложени плакати, фотографии и материјали од сите претходни фестивали.ас/вј/

фото МИА 

Остани поврзан