• петок, 27 декември 2024

Меѓународна потерница за Анџело Ѓорѓиевски, првоосомничен за убиството на ракометарот Денис Тот

Меѓународна потерница за Анџело Ѓорѓиевски, првоосомничен за убиството на ракометарот Денис Тот
Скопје, 12 април 2022 (МИА) - Министерството за внатрешни работи објави меѓународна потерница по лицето Анџело Ѓорѓиевски, роден на 13 јануари 1994 година во Скопје, каде и живее на улица „9“ бр.5, во село Волково. Тој се бара по Наредба  КО. бр. 1211/22 од 12.04.2022 год. на ОЈО Скопје, поради основано сомневање за сторено кривично дело „Убиство“ по чл. 123 од КЗ на РСМ. Ѓорѓиевски, кој е во бегство, е првоосомничен за убиството на ракометарот на РК „Бутел“, Денис Тот, додека на другите двајца осомничени, кои се товарат дека со нанесување на повреди на телото на Тот извршиле кривично дело „убиство“, им е изречена мерка притвор во траење од 30 дена. Настанот се случил минатиот четврток во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски ракометар и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите тој паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата осомничени продолжиле со удирање по главата, а потоа без да му укажат помош заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што ракометарот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и според информациите од лекарите што го примиле, имал престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал. аа/лв/

Остани поврзан