• четврток, 26 декември 2024

Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК посветена на Иљоски, Стефановски и граматиката од Конески

Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК посветена на Иљоски, Стефановски и граматиката од Конески
Охрид, 4 септември 2022 (МИА) - Осумдесетина македонисти, слависти и балканисти од над 20 институции од земјата и од странство ќе учествуваат на 49. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), која денеска и утре ќе се одржи во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. Најголемиот дел од нив, како што соопшти организаторот, ќе ги изложат резултатите од своите истражувања на носечките теми на конференцијата – творештвото на Васил Иљоски и Горан Стефановски, по повод јубилеите – 120 години од раѓањето на Иљоски и 70 години од раѓањето на Стефановски, како и 70 години од објавувањето на „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ од Блаже Конески. - Поаѓајќи од речиси полувековната традиција на оваа конференција, во рамките на нашата мисија како Семинар, ние имаме и обврска да поттикнуваме на истражувања и научни потфати на македонските и странските истражувачи, коишто ќе фрлат нова светлина врз клучните остварувања за македонскиот јазик, литература и култура, притоа отворајќи нови теми и презентирајќи нови научни согледби и заклучоци, истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Весна Мојсова-Чепишевска. Со презентираните трудови, посочи, ќе се случат нови исчитувања и вреднувања на творештвото на Иљоски, а за првпат ќе бидат презентирани и некои негови досега непознати остварувања. - Но, исто толку е важно и што за првпат по заокружувањето на опусот на Горан Стефановски, на научна конференција ќе се случи ново научно осврнување на неговиот опус, при што покрај новите исчитувања на неговите драмски текстови и нивното вреднување како пресвртен чин во историјата на македонската драма ќе се говори за Стефановски и како културен деец и придвижник, имајќи ги предвид и неговите есеистички текстови, но и неговата мисла и ерудиција заведочена во неговиот јавен настап, вели Мојсова-Чепишевска. „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ од Блаже Конески, додава таа, е дело-темелник, не само за нашата лингвистика, туку и за нашиот идентитет. - Затоа, иако минатата година, по повод 100 години од неговото раѓање, Конференцијата во целост му беше посветена на Конески, важно е што и годинава му посветуваме одделно внимание, во рамките на лингвистичката секција. Конески е нулта точка на нашата култура и ние сме должни во рамките на научната актива да му посветуваме внимание не само поводно, туку суштински, темелито, со постојани навраќања, вели Мојсова-Чепишевска. На конференцијата ќе бидат опфатени и традициналните теми „Македонскиот јазик наспроти другите јазици“ и „Македонската литература и култура наспрема другите литератури и култури“, кои, како што нагласува Мојсова-Чепишевска, овозможуваат низ научна диоптрија да се коментираат спецификите и посебноста на македонскиот јазичен, литературен и севкупно културен идентитет. На свеченото отворањеќе биде промовиран и зборникот од минагодоишното издание на Конференција, каде на околу 650 страници се објавени научни трудови од близу 50 научници и истражувачи – за делото на Блаже Конески и за македонскиот јазик, литература и култура. Ќе биде промовирана и книгата „Македонская литература XX-начала XXI века. Очерки истории“ од академик Ала Шешкен, која важи за еден од најдобрите странски познавачи на современата македонска книжевност. Од конференцијата треба да произлезе зборник, кој се очекува да биде една од најзначајните научни публикации за делото на културните дејци кои се во фокусот на ова издание. сс/рп/

Остани поврзан