• петок, 27 декември 2024

Меѓународна научна конференција на Архитектонски факултет: Скопје уникатен пример за создавање на нови градови преку промоција на светската солидарност

Меѓународна научна конференција на Архитектонски факултет: Скопје уникатен пример за создавање на нови градови преку промоција на светската солидарност

Скопје, 7 јуни 2023 (МИА) - Скопје стана уникатен пример каде што Обединетите Нации го препознаа тој момент по разурнувањата од земјотресот и ги поканија светските архитекти и урбанисти во тоа време да се приклучат и да овозможат градот да биде прво современ и модерен, меѓутоа исто така да стане и пример како може преку промоција на концептите на светска солидарност и светска соработка и преку вклучувањето на експертите и преносот на знаењето, особено во делот на архитектурата и урбанизмот, да се создадат нови урбани решенија што ќе обезбедат подобар живот за граѓаните и подобра иднина и за општествата, изјави за МИА деканот на Архитектонскиот факултет при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“, Огнен Марина.

- Сметам дека искуството на Скопје, придобивките од Скопје, воопшто од целокупниот проект што беше воден од ОН, е исклучително позитивен пример што и денеска во контекст на разурнувањата што ги имаме, за жал дури и во Европа, односно со војната во Украина, и каде што наскоро се надевам ќе следи примирје и прекин на разурнувањето и еден процес на обнова на сите тие разурнати градови, дека и ние како архитекти и урбанисти, а исто така и како Универзитет, но и како граѓани на овој град, како дел од оваа заедница, ќе можеме да придонесеме, макар малку, за да помогнеме во обнова на тие градови и ќе можеме повторно да ги промовираме основните концепти и вредности, истакна професорот Марина на Меѓународната научна конференција „Проект Скопје“, организирана по повод 60 години од катастрофалниот скопски земјотрес и 110 години од раѓањето на јапонскиот архитект Кензо Танге.

На прашањето околу на улогата на врвните светски архитекти за обнова на градот по земјотресот, но и за сигурноста на градбите што се градат денес, Марина одговори дека по земјотресната обнова на Скопје направена е промена на парадигмата, како во архитектурата и урбанизмот, така и во сеизмичкото инженерство.

- Принципите, па дури и форматот и начинот на којшто е обновено, планирано и изградено Скопје всушност овозможуваат и ден денес градот да функционира. И покрај сите заложби во последните три децении да се девастираат сите тие системи, Скопје се уште е функционален град и има капацитет да ги прими и да им овозможи на неговите граѓани една структура којашто сепак е функционална, потенцира деканот на Архитектонскиот факултет.

Тој додаде дека ваквите конференции, како денешната, се битни за укажување на визиите и планирањето за изградби и потенцираше дека и политичарите и граѓаните некако го загубиле капацитетот за создавање визии за својот град и повика на определување на визија за тоа во каков град сакаме сите да живееме.

На дводневната конференција светски урбанисти и архитекти од реномирани универзитети ќе одржат серија предавања и во три сесии тие ќе разговараат за поуките од минатото, за денешната состојба со светската архитектура и за предизвиците и можностите коишто ќе ги имаат градовите во иднина. сх/сп/

Фото: МИА 

Остани поврзан