• среда, 25 декември 2024

Меѓународна конференција „Народните правобранители и Националните институции за човекови права и животната средина“

Меѓународна конференција „Народните правобранители и Националните институции за човекови права и животната средина“

Скопје, 20 ноември 2024 (МИА) - Народниот правобранител во рамките на проектот „Зголемување на улогата на Народниот правобранител во еколошката правда“, финансиран од Норвешкото министерство за надворешни работи, а кој се спроведува во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП и Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на ОН во Скопје, денеска и утре во Скопје, организира меѓународна конференција на тема „Народните правобранители и Националните институции за човекови права и животната средина“.

Конференцијата ќе ја отворат народниот правобранител Насер Зибери, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и постојаниот претставник на УНПД во Северна Македонија, Армен Григорјан.

Според агендата, денеска на панел дискусијата на тема  „Гледајќи го глобалниот контекст - Еколошката правда“, свои излагања ќе имаат Татјана Темелковска, правен советник во канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на Обединетите Нации-канцеларија Скопје и Шон О’Конел, глобален експерт за еколошка правда, Програма за развој на Обединетите нации (УНДП).

За националните перспективи и еколошката правда, предвидено е излагања да имаат заменик-народниот правобранител Лилјана Илиевска, судијата на Врховниот суд Џемали Саити, директорката на Агенцијата за слободен пристап до информации Пламенка Бојчева и Маја Маркоска од Невладината организација „Архус центар“ Скопје.

На Конференцијата ќе зборуваат и омудсманот на Република Словачка, Роберт Доброводски, омбудсманот за заштита на животната средина на Република Турција, Јахија Акман, како и замениците - народни правобранители на Република Словенија, Дијана Можина Жупанац и на Република Хрватска, Дијана Кесонја.

Утре, на вториот ден од Конференцијата ќе се зборува за Регионалните трендови и развојот на еколошката правда во Европа, за улогата на Европската мрежа на национални институции за човекови права (NHRI) и правото на живот во здрава животна средина, преку презентирање на конкретни случаи. дма/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан