• четврток, 26 декември 2024

Меѓународна книжевна манифестација „Вавилон“, годинашни добитници Игор Мировиќ и Јордан Плевнеш

Меѓународна книжевна манифестација „Вавилон“, годинашни добитници Игор Мировиќ и Јордан Плевнеш

Скопје, 2 мај 2023 (МИА) - Меѓународната книжевна манифестација „Вавилон“ ќе се одржи утре и задутре, во организација на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).

Свеченото отворање ќе биде утре, со почеток во 11 часот во Свечената сала на ДПМ. По музичката точка на учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ од Скопје, Насока за традиционална музика и игра, поздравна реч ќе има  претседателот на ДПМ проф. д-р Христо Петрески. Беседа за Вавилон ќе одржи проф. д-р Кристина Николовска, претседателка на Собранието на ДПМ. 

Годинашни добитници на меѓународната награда „Вавилон“ се Игор Мировиќ, поет од Војводина и македонскиот писател Јордан Плевнеш. 

Признанието „Македониум“ ќе им биде доделено на Културно-информативните центри на Северна Македонија во Њујорк, Софија, Истанбул, Тирана и Загреб. 

Во продолжение на програмата, како што информира ДПМ, ќе следува „Поезија на реки од јазици“ со учество и настап на истакнати поети од земјава и странство. 

Следниот ден ќе се одржи литературно матине „Вавилон“ во галеријата Даут пашин амам во Старата скопска чаршија, со почеток во 11 часот.  Ќе настапат учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ од Скопје, насока за традиционална музика и игра, а поздравна реч ќе има проф. д-р Дита Старова, директорка на Националната  галерија.

По беседите на добитниците на наградата „Вавилон“ Игор Мировиќ и Јордан Плевнеш, ќе настапат афирмирани писатели од земјава и странство.  

Манифестацијата „Вавилон“ е меѓународна и традиционална, а годинава се очекува да  има учесници од Северна Македонија, Србија, Италија, Шпанија и други земји. мд/са/

Фото: ДПМ 

Остани поврзан