• недела, 24 ноември 2024

Меѓународна активност на Археолошкиот музеј во истражувања и публикации за заштитата на културното наследство

Меѓународна активност на Археолошкиот музеј во истражувања и публикации за заштитата на културното наследство

Скопје, 2 ноември 2022 (МИА) -  Во Археолошкиот музеј се постигнати завидни резултати во реализацијата на тековната програма во делот на теренските истражувања. Тимот на установата работеше на подводниот археолошки локалитет од железното време, Врбник кај Струга, кој  изобилува со движен археолошки материјал, соопшти Министерството за култура. 

Министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска со директорката на Археолошкиот музеј Славица Бабамова разговарала за тековните проекти и за резултатите од истражувањата во Градиште, Неготино, на античкиот град Антигонеа, кој егзистирал од 3 век пред наша ера. Таму годинава е откриен нов дел од уличната мрежа и е продолжено ископување на занаетчискиот дел од градот каде што биле сместени работилници за грнчарство.Мини

Овие проекти се работени во соработка со „EXPLO“, во кој се вклучени слични археолошки наоѓалишта од Албанија и од Грција, и со Универзитетот од Гдањск во  Полска. 

- Директорката Бабамова информираше за степенот на реализација од активностите на доцноантичкиот археолошки локалитет Големо Градиште, село Коњух, Кратово, каде што годинава се работеше во соработка со колеџот Гетисбург од САД. Потоа за локалитетот Стакина чешма во Валандово, каде што продолжи истражувањето на доцноантичката палата, во која покрај прекрасните мозаици годинава беше откриена и фонтана, што ја потврди оваа населба како најлуксузниот објект од периодот 4 – 5 век во нашата земја, наведува Министерството за култура. 

Посочува дека во Археолошкиот музеј се спроведени и повеќе вонпрограмски активности и се реализирани уште два меѓународни истражувачки проекта: „Ревизионо и систематско рекогносцирање на кратовско-злетовскиот крај“ во соработка со Универзитетот во Бохум, Германија, каде што се истражуваше старото рударство во овој регион, и „Погранични студии. Истражувања на идентитетските и културните контакти во пограничната област на античка Македонија“, што Музејот го реализира со Карловиот универзитет од Прага, а во соработка со НУ Завод и музеј – Охрид и Германскиот археолошки институт.

Годинава Музејот посветува внимание и на продлабочување на употребата на новите технологии во археолошките истражувања: извршени се геофизички недеструктивни истражувања на локалитетот Стакина чешма во Валандово, а е предвидена и обука на кустоси археолози за обработка на резултатите од овие истражувања во Шведска.

- Од оваа година, НУ Археолошки музеј го интензивираше публикувањето на резултатите од археолошките истражувања, активност која недостига долги години наназад, а која претставува најверодостоен репрезент во промоцијата и популаризацијата на македонското културно наследство. Во рамките на издавачката дејност, од оваа година Музејот започнува ново периодично издание, ,Aрхеолошки преглед, кое ќе се објавува електронски на веб-страницата на установата, а ќе содржи извештаи за археолошките ископувања во претходната година, со што до стручната публика и до пошироката јавност ќе се презентираат последните сознанија за археолошките локалитети и за движното културно наследство, рече министерката Костадиновска-Стојчевска при посетата на Археолошкиот музеј.

Од Музејот наведуваат дека во интерес на посетителите и со желба за поголема посетеност, влезот е бесплатен секоја прва сабота во месецот. хс/цр

 

Остани поврзан