• среда, 20 ноември 2024

Меѓународната кампања „Чиста облека“ ја сондираат состојбата со правата на текстилните работници

Меѓународната кампања „Чиста облека“ ја сондираат состојбата со правата на текстилните работници
Штип, 13 септември 2021 (МИА) - Меѓународната кампања „Чиста облека“ се заинтересира за случајот со штипските текстилни работнички од поранешен „Алкон текс“, откако стечајната постапка им заврши во рок од неколку минути, а поради тоа што нивната фирма нема никаков имот, никогаш нема да можат да ги добијат заостанатите плати и отпремнини. Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“-Штип вели дека активистиките од „Чиста облека“ веќе втори ден се во Штип и ги сондираат забелешките на текстилните работнички од повеќе конфекции, како и на работничките од „Алкон текс“, со цел да слушнат и странските брендови за кои работат нивните работодавачи. - Ако немаме помош и поддршка од една правна држава и институциите, кои досега 99 посто не одговорија на барањата на работничките и работниците, односно исплата на нивните плати и придонеси, отпремнини и слично. Сметам дека може да одиме чекор понатаму и да ја бараме правдата надвор од границите, вели Ампева. Претставничките од меѓународната кампања „Чиста облека“ забележуваат дека проблемите на работниците во текстилната и кожарската индустрија е речиси ист насекаде, без разлика дали фирмите се во Романија, Бангладеш или во државава. Добиваат пријави за кршење на работничките права, а Артемиса Љарја од „Чиста Облека“ вели дека пријавите се поврзани најчесто со исплатата на платите. - За овој регион најчест проблем е платата. Не само неисплата на минално загарантираната плата, туку и неплаќањето на прекувремената работа, бонусите или празниците. Тука е честа работата за викенд, што се плаќа како обичен работен ден. А проблем се и договорите, бидејќи од него зависат и останатите бенефиции што го следуваат работникот, вели Љараја. Но, она што најмногу ги загрижува е понижувањето кое го трпат работниците на работните места. - Понижувањето, викањето, користењето на навредлив јазик и малтретирањето, се нешта за кои добиваме се повеќе и повеќе пријави што е сосема недостоинствен третман на работниците, вели Бетина Мусјолек од „Чиста облека“. „Чиста Облека“  ги алармираaт потрошувачитте и жителите од градовите каде се седиштата на големите брендови на кој начин се произведува она што го носат и така да ги натерат да се подобрат условите во текстилството и кожарството. Апелираат брендовите ковид кризата да не ја користат како изговор за уназадување на правата и безбедноста на работниците. вдј/мс/

Остани поврзан