• недела, 24 ноември 2024

Меѓународен Форум за женско лидерство на тема „Жените пишуваат историја“

Меѓународен Форум за женско лидерство на тема „Жените пишуваат историја“

Скопје, 6 март 2023 (МИА) - Меѓународен форум на кој истакнати жени од повеќе области на пет панели дебатираат на темата „Жените пишуваат историја“ денеска се одржа на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.

На форумот учествуваа амбасадорките на Шведска и на Србија во земјава, Еми Ларсон Џеин и Невена Јовановиќ, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска, директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, почесната конзулка на Канада во земјава Анета Пешева, истакнати жени од бизнис заедницата, од образованието, од медиумите и од културата и уметноста.

Првиот панел е за жените во дипломатијата и меѓународни односи, вториот за жените кои го движат бизнисот, третиот за жените во образованието, четвртиот за жените во културата, а петтиот за жените во медиумите.

- Целта на овој форум што се одржува во пресрет на 8 Март е токму родовата еднаквост, односно до 2026 година, согласно европските цели, да постигнеме 40 проценти жени учеснички во јавниот живот на менаџерски позиции. За тоа одличен пример е нашата Народна банка која е прва во нашата татковина и втора во Европа и во регионот. Само Република Србија и нашата татковина имаат гувернерки на народни банки, што е навистина престижно и што е добро во животот на јавните институции кај нас во Македонија, изјави ректорот на Универзитетот проф. д-р Аце Миленковски.

Тој истакна дека Народната банка е, како што рече, светол пример и за нееднаквоста во предност на жената.

- Дури 60 проценти од вработените во Народната банка се од женскиот род или вкупно на раководни, раководителски и менаџерски позиции се дури 70 проценти жени, вклучувајќи ги и двете вицегувернерки, коишто и помагаат на нашата гувернерка, посочи Миленковски.  

Како добар пример за рамноправност меѓу половите го оцени и Градот Скопје каде има градоначалник жена, исто како и во Рим, Париз, Берлин, Осло и Софија.

- На форумот се согласивме дека во нашата држава има многу менаџерски позиции што ги заземаат претставничките на женскиот род, меѓутоа лидери жени скоро и да нема на значајни места и значајни позиции. Токму тука треба нашето општество да работи, да зборуваме за лидерството, а едноставно лидерството не се учи. Лидерот се раѓа и лидерот се препознава. Кога ќе го видите лидерот вие сите знаете кој е тој, не треба посебно да му пишува на чело или да има каква било значка на која што пишува име и презиме. Едноставно старите Македонци, како и ние денеска, зборувале дека е доволно да ја имаш ѕвездата. Кога имаш ѕвезда тогаш сите соѕвездија се заедно со тебе, рече Миленковски.

Мерита Рамадани Алиу, бизнисменка со сопствен бизнис во делот на земјоделството, порача дека што повеќе жени треба да се вклучат во приватниот сектор.

- Според она што во последно време го гледаме во реалноста изгледа дека бројот на жени е се помал. Овие форуми се многу битни за ние како жени што сме во приватниот сектор да им покажеме на останатите жени дека треба да бидат свои и да почнат свој бизнис, рече Рамадани Алиу.

Анета Антева Пешева, која има сопствен ИТ бизнис, посочи дека жената може да бара рамноправност само ако е финансиски независна.

- Ако не е финансиски независна многу тешко може тоа да го постигне. Жените сами треба да преземат акција за својата рамноправност, бидејќи секогаш има некои стереотипи кои ги кочат во работата. Можеме да ги охрабриме младите да  немаат никаква предрасуда дека може да влезат во бизнис водите, бидејќи така ќе биде подобро и за нив и ќе бидат финансиски независни, рече Антева Пешева. вј/сп/

Остани поврзан