• четврток, 26 декември 2024

Меѓународен фестивал „Литературни искри 2024“, пријавени поети од целиот Балкан

Меѓународен фестивал „Литературни искри 2024“, пријавени поети од целиот Балкан

Гостивар, 1 април 2024 (МИА) – Заврши пријавувањето за учество на единаесетто издание на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри 2024“. На конкурсот кој беше отворен пред два месеци, пристигнаа вкупно 149 регуларни пријави во двете возрасни категории.

Организаторите истакнуваат дека одзивот за пријави бил очекуван и се заблагодаруваат за заинтересираноста на поетите од скоро сите балкански земји.

- Заведени се пријави на автори од Македонија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Албанија, Романија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Словенија. Следи периодот на оценување од страна на тричлена жири-комисија кои веќе добија дел од материјалите. Радува податокот што континуитетот е задржан и според бројот на пријавени исто и меѓу нив има поети од сите балкански земји, информираат од здружението „Милениум“ организатор на фестивалот

Од организацискиот одбор појаснуваат дека во наредниот период ќе се работи интензивно на подготовките на одржување на фестивалот и програмата.

Финалистите кои ќе бидат избрани конкурираат за наградите гран при, прва, втора и трета награда, најдобар странски автор и најуспешна млада поетска искра. Нивните творби ќе станат дел од заедничката поетска збирка што традиционално се издава во рамките на фестивалот. 

„Литературни искри“ се одржува во чест на Св. „Кирил и Методиј“ по единаесетти пат. Настанот е поддржан од Министерството за култура.згм/ар/

Фото: МИА

 

Остани поврзан