• вторник, 24 декември 2024

Меѓународен фестивал за хумор, сатира и карикатура ,,Пијанец - 2023" во Делчево

Меѓународен фестивал за хумор, сатира и карикатура ,,Пијанец - 2023

Делчево, 7 септември 2023 (МИА) - Под слоганот ,,Не прашувајте колку е часот, предоцна е!" во Делчево започна Меѓународниот фестивал за хумор, сатира и карикатура ,,Пијанец - 2023" Делчево. 

Фестивалот по втор пат се организира по проект на Националната установа Центар за култура ,,Никола Јонков Вапцаров" од Делчево, а во рамки на првата вечер беше претставена изложбата на карикатури од Ане Василевски и подготвена ,,Афоризница" од Иван Карадак.

Пред присутните со свои афоризми се претставија познатите афористичари Атанас Крлевски и Витомир Долински, а скечеви по текстови на Иван Карадак читаа членови на ,,Експерименталното театарче" од Делчево.

Љупчо Петровски, директор на НУ ЦК „Н.Ј.Вапцаров“ изрази благодарност до сатиричарот Миле Ѓорѓијоски кој со своите идеи имал голем придонес во повторното одржување на фестивалот.

-Оваа вечер се одржа традиционален фестивал на кој присуствуваа врвни сатиричари и за прв пат во Делчево беше поставена изложбата на најпознатиот македонски карикатурист Ане Василевски за што изразувам голема благодарност до неговото семејство. По пауза од неколку години го продолжуваме фестивалот како проект кој е поддржан од Министерството за култура, со надеж дека ќе прерасне во традиционален. Голема благодарност до публиката и до сите кои овозможија фестивалот да се одржи, а посебно на сатиричарот Миле Ѓорѓијоски, кој ни даде идеи за да овој настан прерасне во манифестација која сигурен сум ќе биде традиционална, рече Петровски кој им додели благодарници на учесниците на фестивалот.

За афористичарот Миле Ѓорѓијоски најголема награда е што фестивалот по пауза од неколку години повторно се одржува.

-Навистина нема поголема награда од тоа, се надевам дека некои млади луѓе после нас ќе продолжат да го организираат, а дај Боже и ние долги години да се собираме во ваков број, рече Ѓорѓијоски.

Учесникот на фестивалот Атанас Крлевски, рече дека задоволство е да се учествува на ваквите настани, бидејќи се многу ретки.

-Ние како сатиричари ќе продолжиме да пишуваме за публика и ќе бидеме задоволни ако пак учествуваме, рече Крлевски.

Фестивалот како што додаде програмскиот директор на установата Методи Толевски продолжува во сабота.

-Пресреќен сум што Центарот за култура го презеде проектот од Општина Делчево и втора година го организира. Ги повикувам сите на втората вечер од фестивалот во чии рамки ќе биде прикажана стенд-ап комедијата ,,Првиот Алцхајмер не се заборава". Гостуваат ,,Грбаве Танге" од Белград и се надевам дека публиката ќе ужива, рече Толевски.

Меѓународниот фестивал ,,Пијанец - 2023" Делечво се организира како дел од одбележувањето на 7 Септември, Ден на ослободувањето на Делчево и 8 Септември, Ден на македонската независност. вс/сх/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан