• четврток, 26 декември 2024

Меѓународен ден на Ромите: Нула толеранција на дискриминација, системски решенија за спречување и заштита од присилно иселување и сегрегација

Меѓународен ден на Ромите: Нула толеранција на дискриминација, системски решенија за спречување и заштита од присилно иселување и сегрегација
Скопје, 7 април 2022 (МИА) - Државата да обезбеди нула толеранција за секаков вид на дискриминација врз Ромите, системски решенија за спречување и заштита од присилно иселување, сегрегација и полициска бруталнот, минато да биде Роми без граѓанска регистрација, извод на родените или државјанство, да се обезбеди социо-економска и образовна помош на лицата невидливи во системот на државата, лицата без документи и лицата кои се регистрирани во посебниот регистар за лица без извод во матичната книга на родени, истакна Љатифе Шиковска, координаторка на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите, нивна инклузија и интеграција во Република Северна Македонија по повод одбележувањето на 8 Април - Меѓународниот ден на Ромите. Таа рече дека денес во 21 век се уште можеме да видиме во светот случаи на протерување, двојни стандарди, расистички напади, дискриминација, нееднакво третирање, стереотипи, двојни аршини и многу други работи кои луѓето ги делат по разлчини основи. - Ние Ромите од Република Северна Македонија очекуваме дека наредните одбележувања на 8 Април ќе се гордееме дека имаме системски и трајни решенија за образование - децата Роми да се вклучуваат во предучилипното образование, немаме осипување на ученици или нема појава на напуштање на основно и средно образование, преку системски решенија државата и други донатори и организации даваат поддршка на учениците Роми, студентите Роми притоа посебно се залагаат да ги поддржаат талентираните ученици и студенти Роми. Вработување - во Северна Македонија се вработени во државна и јавна администрација на ниво на 4 проценти на застапеност во државата, поголем број на раководни позиции од кои 40 проценти од вработените се припаднички на женскиот пол. Процентот на Ромите кои бараат работа, а посебно младите до 30 години е еднаков со барателите на работа на останатите припадници назаедниците, рече Шиковска. Претседателот на Собранието, Талат Џафери истакна дека спроведувањето на законите, прописите, принципите на еднаквост, на недискриминација, инклузивност и достапност зависат од човечкиот фактор, од изградената свест и чувство на одговорност и во тој сооднос меѓу вршителите и страните врз кои се применуваат, исклучително е важно да се изгради сооднос на искрена доверба за потоа да има и конкретни резултати од јасно изразената волја. - Време е да се изгради таа доверба таму каде што не постои, а да се зацврсти таму каде што некоја основа веќе постои. Кога ромската заедница ќе биде вклучена и интегрирана во општествените текови, таа сама ќе си го отвора патот кон подобрување на квалитетот на живот за себе. Наша обврска е да бидеме до нив во секој чекор. Сепак, реалноста е кристално јасна и во исто време сурова. Во единствената општина со доминантен број граѓани од ромската заедница, се уште нема матичен лекар гинеколог, иако опремата е таму, што е потврда дека се прават напори. Во образовниот процес, иако е задолжителен и секое непостапување е казниво со закон, вклучувањето на ромските деца е екстремно ниско, што не може да се каже за нивното вклучување во обезбедувањето средства за семејните животни трошоци со незаконско учество во малолетнички труд. Очигледно, сите ние што сме дел од системот, некаде затајуваме, некаде нешто не правиме како што треба и тоа ни се враќа како бумеранг и никако да постигнеме траен развој во социјалната и економската сфера. Секако, ситуацијата со КОВИД 19, колку и да беше тешка за светските и домашната економија, десет пати потешко се одрази на социјално ранливите групи, рече Џафери. Тој потенцира дека на раскрсниците, на нашите улици, и понатаму ја гледаме тажната глетка на мали и возрасни припадници на ромската заедница чие што секојдневие, чиј што живот и борба за егзистенција се одвива како на филмска трака којa постојано го врти истиот филм, само што се менуваат протагонистите кои ги има во сите возрасни групи. - За мене, тоа е јасен показател дека се уште не сме таму каде што би требало да биде земја полноправна членка на НАТО и земја која е речиси на прагот на започнување на преговорите за членство со Европската унија, нешто кое досега не започнало само поради општопознатите причини за сите вас и за широката јавност. Како што е исто така познато дека сиве овие години правевме реформи за трансформација на нашето општество во еднакво, со почитување на правата и обврските на секој поединец, похумано, со еднаков третман на сите граѓани, без оглед на етничката, верската, политичката, социјалната припадност, без оглед на пол и посебните здравствени состојби и попречености, општество кое ќе понуди целосна заштита и одбрана на човековите права кои треба да се потполно во линија со Европските и меѓународните стандарди и за правата на маргинализираните групи, посочи Џафери. Зоран Димов, координатор не Мрежата за системски и трајни решенија истакна дека и ние сакаме да бидеме дел во едно еднакво општество за сите и заедно да ја креираме оваа држава и во тага, и во среќа, и во љубов и во иднина на сите наши деца. - На средбите кои што сум ги имал со европски пратеници ја спомнувам Република Северна Македонија, како една демократска држава која што им дава права на нашите Роми и во Устав се, еднакви сме, но ја имаме таа сенка се уште. Тргнете ја таа сенка. Отворете ни го патот. Помогнете ни сите заедно да изградиме едно општество за сите каде што нема да бидеме поделени. Не не гледајте во бојата, гледајте не во душата, во срцето. Гледајте на она што ние сакаме да го направиме заедно, рече Димов.фф/са/

Остани поврзан