• сабота, 23 ноември 2024

Меѓународен ден на архивите

Меѓународен ден на архивите

Скопје, 9 јуни 2024 (МИА) - Меѓународниот ден на архивите се одбележува секоја година на 9 јуни, а овој ден е прогласен од Меѓународниот архивски совет (International Council on Archives – ICA) за подигање на свеста за важноста на архивите и улогата што тие ја имаат во зачувувањето на документарното наследство. Датумот 9 јуни меѓу другото ја истакнува неопходноста од заштита на историските записи, промовирање на нивната пристапност и поттикнува  споделување на архивските знаења и практики на глобално ниво, информираат од Државниот архив на Република Северна Македонија. 

Во тој контекст датумот, додаваат, бил избран и за да го одбележи создавањето на Меѓународниот архивски совет, кој бил основан на овој ден во 1948 година под покровителство на УНЕСКО.

-Архивистите и архивските институции низ целиот свет организираат различни настани, изложби, работилници и кампањи на социјалните медиуми за да го одбележат овој значаен ден фокусирајќи се на различни аспекти на архивската работа и на архивите, како и на влијанието врз општеството, културата и историјата. Меѓународниот ден на архивите од 2007 година прераснал во Меѓународна недела на архивите во организација на Меѓународниот архивски совет. Архивските професионалци од околу 200 држави во овој период сакајќи да го свртат вниманието на јавноста, преку различни форми го промовираат сопственото работење и значењето на архивите во современите општества и услови, се вели во соопштението од Државниот архив.

Меѓународната недела на архивите, какошто нагласуваат од Државниот архива, се одбележува под мотото  #CyberArchives во чии рамки ќе се одржи виртуелна средба на над 400 архивски професионалци кои ќе дискутираат за влијанието на технолошкиот развој врз архивската област.

Државниот архива, потенцираат оттаму, се вклучи во одбележување на Меѓународниот ден на архивите и Меѓународната недела на архивите со поставување на изложбата „Браќа Манаки" на 5 јуни (среда) во Домот на АРМ - Струмица. сст/

фото Државен архив

           

Остани поврзан