• среда, 25 декември 2024

Меѓународен ден за проверка на факти, изборите кај нас и во Европа причина повеќе за ширење на дезинформации

Меѓународен ден за проверка на факти, изборите кај нас и во Европа причина повеќе за ширење на дезинформации

Скопје, 2 април 2024 (МИА) - Антидезинформациската мрежа на Балканот денеска во Скопје одржува конференција насловена како „Бранејќи ја демократијата на Балканот: Заштита на интегритетот на информациите во дигиталната ера“, со која го одбележува 2 Април - Меѓународен ден за проверка на факти. 

Евроамбасадорот Дејвид Гир на отворањето на конференцијата истакна дека поради изборите веќе гледа како штетни влијанија се вршат врз проверката на факти особено онлајн. Но, вели тој, тоа не се случува само во Северна Македонија туку и во регионот и во Европа поради тоа што ова е година на избори. Должност на сите институции е, вели тој, да овозможат проверка на факти, а исто така треба да се прави разлика меѓу информациите наспрема дезинформациите, факти наспрема алтернативни факти... Тој посочи на соработката што ЕУ ја има во однос на проверката на факти со заедниците во регионот. Гир исто така нагласи дека проверувачите на факти мора да работат самостојно и да немаат политички притисоци. 

Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп рече дека проектот почнал неколку месеци по руската агресија во Украина. Проверката на факти, потенцира тој, треба да оди рака под рака со медиумската писменост, Во демократските општества има потреба од јавна дебата. Луѓето, посочи холандскиот амбасадор, треба да се чувствуваат слободни да го кажат своето мислење. Владите, според него, не треба да се мешаат, но луѓето исто така треба да бидат свесни за своето однесување на интернет. 

На отворањето на конференцијата зборуваше и Владимир Начев, државен секретар во Министерството за одбрана, кој информираше како тие се борат со дезинформациите. 

Сега сме во фаза кога границата меѓу лагата и вистината често пати е замаглена. Дезинформацијата има моќ да поттикне недоверба и да го подрие ткивото на нашите демократски институции. Последиците се далекусежни и длабоки, влијаат врз јавното мислење, поттикнуваат недоверба во институциите. Ако не се побијат, тие може да поттикнат теории на заговор и да ги поткопаат темелите на нашата демократија, рече Начев.

Директорот на „Метаморфозис“, Бардил Јашари вели дека овој настан е значителна пресвртна точка со оглед на тоа дека се одбележува Меѓународниот ден за проверка на факти.

-Овој настан ги потврдува нашите заложби за заштита на вистината и интегритетот, ја истакнува незаменливата улога на проверувачите на факти. Силно веруваме во заедничките заложби, во транспарентните процеси и во мрежата на споделување, бидејќи тоа е основа на нашето работење во Метаморфозис, кој годинава слави 20 годишнина. Оваа мрежа на Балканот е како еден нормален напредок во регионот од сите конференции кои се одржаа. Сакаме оваа мрежа да создададе нови партнерства оти само со заедничко работење можеме да направиме значително влијание, истакна Јашари. Тој зборуваше и за тоа како дезинформациите ја рушат довербата во институциите.

Теми на панелите на конференцијата се „Предизвици за спротивставување на манипулацијата и мешање со странски информации на Балканот“ и „Демократијата во ризик: Избори во ерата на дезинформации“. 

Учесници на конференцијата се претставници на медиуми и организации од Северна Македонија, Косово, Црна Гора, Албанија, БиХ, Грција, Словачка, кои споделуваат информации и за состојбата кај нив со проверката на факти, дезинформациите и нивното потекло и како да се откријат. 

Домаќин на конференцијата во Скопје е фондацијата „Метаморфозис“. ев/ац/

ФОТО: Метаморфозис Фејсбук 

 

Остани поврзан