• сабота, 22 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Мецола: Треба да размислуваме подобро и да дејствуваме побрзо за нашата безбедност

Мецола: Треба да размислуваме подобро и да дејствуваме побрзо за нашата безбедност

Брисел, 20 март 2025 (МИА) - Во актуелниот свет на поединечни сили во подем, Европа мора да ги засили своите политички амбиции за одбраната и конкурентност, изјави денеска претседателката на Европскиот парламент во обраќањето на Самитот на ЕУ во Брисел, 

- Европа зајакнува и презема одговорност за сопствената безбедност, но треба да размислуваме подобро и да дејствуваме побрзо. Ништо не може да остане надвор од масата, изјави Мецола.  

Според неа, ЕУ не може да си дозволи да биде ограничена поради недостиг на политичка амбиција и мора да се позиционира како сила на која треба да се смета. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Мецола истакна дека постигнувањето мир во Украина секогаш ќе биде на врвот на агендата на ЕУ, особено сега кога сме се поблиску до напредок во негово постигнување. 

- Но, она што беше вистина пред три години останува вистина и денес: мирот мора да биде вистински, во спротивно тоа е едноставно илузија на мир. Затоа ќе продолжиме да притискаме да се најде формула која овозможува вистински мир. Мир кој обезбедува слобода и достоинство, гарантира слобода за Украина, безбедност за Европа и одвраќање на оние кои мислат дека можат да преземат суверени и независни нации со сила, рече Мецола. 

Во однос на напорите за зајакнување на конкурентноста и изградбата на Унија за штедење и инвестиции Мецола истакна дека на ЕУ и требаат „огромни скокови“ и таа не сме да се ограничи на полумерки.  

- Треба да ги усогласиме очекувањата на луѓето со нашето ниво на амбиција. Тоа бара чувство на итност. Потребна е јасност и тоа не само за нашите цели, туку и за начинот на кој ќе ги постигнеме, со цел сите да можеме да се движиме во иста насока, потенцира Мецола. 

Според неа, новата Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) на ЕУ за по 2027 година, претставува „златна можност“ за усогласување на европскиот „паричник со стратешките приоритети“.

- Статусот кво не е опција. Потребни се значајни реформи за да го направиме нашиот буџет поедноставен, пофлексибилен и ориентиран кон резултати, додаде Мецола. сп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан