• понеделник, 24 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Мецола од Вашингтон: Партнерството меѓу ЕУ и САД е важно 

Мецола од Вашингтон: Партнерството меѓу ЕУ и САД е важно 

Брисел, 28 февруари 2025 (МИА) - Светот денес се потпира на силата на трансатлантските односи, кои ја надминуваат меѓусебната трговска и индустриска соработка, порача синоќа претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола во обраќањето на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон. 

- ЕУ и САД застанаа на иста страна на историјата не затоа што сме хомогени, туку затоа што нашите најголеми победи доаѓаат од нашата заедничка убеденост да го правиме она што е правилно. Ова партнерство е важно, нагласи Мецола. 

Таа се осврна на заедничките вредности што во текот на децениите ги застапуваа двете страни, меѓу кои достоинството на секое човечко суштество, еднакви можности за секој да го достигне својот целосен потенцијал, правдата и правото сите да се чувствуваат безбедно и да живеат во безбедност и вербата во слободата.  

- Индивидуалната слобода, слободната трговија, слободата да не се согласуваме и камен темелникот на сè: слободата на говорот, рече Мецола. 

Според неа, поттикната од чувството на фрустрација што гласачите го изразија на ланските избори за членови на Европарламентот, ЕУ како врвен приоритет на својата агенда го постави поедноставувањето на системот, наместо комплицирањето, со цел да се најдат решенија со кои ќе им се олесни на компаниите да водат бизнис со и во Европа.  

Таа нагласи дека ваквиот пристап на ЕУ е воден од погледот кон иднината, па затоа таа е „отворена за бизнис“, но подготвена е и да реагира цврсто и веднаш против неоправданите бариери за слободната и фер трговија, вклучително и на царините. 

- ЕУ и САД можат да најдат начин како сите да победиме. Затоа мислам дека треба да разговараме за трговски договори, наместо за царини. Ние не треба да „искористуваме“ никого, нагласи Мецола, алудирајќи на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ЕУ е формирана само за да ја „искористува“ Америка.  

Претседателката на Европскиот парламент во своето обраќање се осврна и прашањата поврзани со одбраната, повикувајќи на зголемување на одбранбените трошоци. 

- Нашата посветеност треба да одговара на нивото на закана со која се соочуваме. Таа закана е многу висока, истакна Мецола. 

Таа порача и дека „мирот е суштината на Европската Унија“, па затоа ЕУ отсекогаш сакала мир во Украина.  

- Во исто време, ние исто така треба да бидеме искрени со себе. Мир без слобода, мир без достоинство, мир без правда, мир кој не се заснова на принципот „ништо за Украина без Украина“, воопшто не е вистински мир, рече претседателката на ЕП. 

Според Мецола, врз основа на таквиот пристап ЕУ е подготвена да ја одигра својата улога во гарантирањето на мирот и стабилноста во Украина, затоа што знае дека тоа ќе значи мир и стабилност во Европа, што претставува победа за сите. сп/ 

Фото: МИА архива 

Остани поврзан