• среда, 25 декември 2024

Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) - Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ попладнево на прес-конференција во Собранието обвини дека пратеникот Зоранчо Јованчев од ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница упатил пцости кон претседателот на неговата партија Димитар Апасиев. 

Тој нагласи дека на тој начин пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакале да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица на денешната седница за пратенички прашања.

-Интересно е за јавноста, бидејќи ни јавноста не го знае овој пратеник, како што и ние колегите не го знаеме – Зоранчо Јованчев има две кривични пријави. Една за дивоградба во Лозово, а другата е за крадење на вода, за див приклучок. Значи, се работи за дерегулирани луѓе кои во Собранието гледаат простор, не за политичка дискусија, туку за малограѓански сценарија. Така беше и со пратеникот Александар Велјановски кој заедно во комбинација со него, пробаа насилнички да изведат сцена со која ќе избегнат одговори на прашањата на Левица, рече Мециновиќ. 

На денешната седница во Собранието, посветена на пратенички прашања, беше избегнат инцидент со физичка пресметка меѓу пратеници од Левица и ВМРО-ДПМНЕ. 

Инцидентот започна кога пратеникот Реџеп Исмаил од Левица постави пратеничко прашање до премиерот Христијан Мицкоски, иако тоа претходно не било најавено писмено, како што налага Деловникот. На тоа процедурално реагираше координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски кој обвини дека се изигруваат правилата. Откако за процедурална реакција се пријави координаторот од Левица Борислав Крмов и почна да се движи кон говорницата дојде до препирки меѓу лидерот на Левица, Димитар Апасиев и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. вј/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан