• вторник, 24 декември 2024

Механизмот на ЕУ за јаглеродно гранично прилагодување CBAM претставен пред приватниот сектор во земјава

Механизмот на ЕУ за јаглеродно гранично прилагодување CBAM претставен пред приватниот сектор во земјава

Скопје, 26 октомври 2023 (МИА) – Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување на Европската Унија (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM), чија основна цел е да овозможи наплата на праведна цена за јаглеродот што се емитува во текот на производството на некои јаглеродно-интензивни стоки при нивниот увоз во ЕУ, но и да  поттикне почисто индустриско производство во земјите кои не се членки на Унијата, денеска во просториите на Стопанската комора беше претставен пред претставници на приватниот и на дел од јавниот сектор од земјава. 

Информативниот настан насловен „Механизамот на ЕУ за јаглеродно гранично прилагодување: Концепт, имплементација и предизвици“ е дел од активноста на УСАИД Партнерства за економски раст, организиран во соработка со Центарот за развојни политики ИДЕАС ДеПо и Стопанската комора. 

Гордана Тошева, експерт за олеснување на трговијата при Центарот за развојни политики ИДЕАС ДеПо посочи дека воведувањето на CBAM механизмот од страна на ЕУ отвора многу предизвици, но и многу можности за нашите компании.

-Пред се тоа се предизвиците со кои се соочува приватниот сектор, односно компаниите кои извезуваат во ЕУ во оние сектори кои се засегнати со CBAM затоа што е можно сериозно да биде ставена во прашање нивната конкурентност. Од нив ќе се бара да се прилагодат на новите услови за пристап на европскиот пазар и да видат каде е нивното место во можното преструктуирање на регионалните и глобалните синџири на вредности, рече Тошева во воведното обраќање на настанот. 

Покрај тоа, додаде, CBAM отвора и многу можности затоа што е потенцијална реформа која на некој начин ќе ја поттикне државата поинтензивно да настапи во имплементацијата на политиките за борба со климатските промени и за зелена транзиција на нашите индустриски капацитети.

-Тоа е процес кој не може да се адресира во краток рок. Токму затоа овој настан го сметаме како почеток на процес кој ќе трае многу долго. Денеска првенствено се фокусиравме на приватниот сектор односно на компаниите кои ќе бидат засегнати со воведувањето на CBAM и сакаме што можно повеќе информации да понудиме за целите на CBAM, како ќе се имплементира и какви процедури треба да следат за да се усогласат при извозот на своите производи на европскиот пазар, прецизира Тошева.

На настанот, посочи, се поканети и претставници од јавниот сектор од институциите кои се директно засегнати или ќе учествуваат во имплементацијата на различни мерки за воведување на зелената транзиција за да чуеме до каде се со дизајнирањето на тие реформи, нивната имплементација и плановите во иднина. 

Директорот на активноста на УСАИД Партнерства за економски раст, Дејан Јаневски истакна дека нивна основна цел е да ја подобрат продуктивноста на  микро, малите и средните претпријатија во државава.

-Нашата економија изгуби чекор со она ниво на продуктивноста кое е некое рамниште во Европа. Податоците од Светска банка покажуваат дека ние сме на 18 отсто од продуктивноста што е европски просек ако се вклучи и јавниот сектор. Ако го тргнеме јавниот сектор и ако го гледаме само приватниот сектор тогаш продуктивноста ни е 40 отсто. Тоа значи дека нашата конкурентна позиција на извозните компании е сериозно нарушена на светскиот пазар, рече Јаневски.

Нагласи дека во последните две до три години како резултат на короната и војните што се водат во Европа и во Светот условите во кои работи приватниот сектор станаа доста комплицирани. Дополнителна компликација за приватниот сектор, додаде, е и воведувањето на CBAM во ЕУ.

-Затоа е многу битно навреме да почнеме со подготовките за неговото воведување кај нас посебно за помалите компании, бидејќи поголемите компании имаат капацитети и луѓе кои може да се посветат на тоа, рече Јаневски.

Оперативниот директор на Стопанската комора, Билјана Пеева Ѓуриќ посочи дека еден од клучните приоритети на Комората е како да се поттикне извозот и како да им се помогне на извозните компании.

-Токму затоа со поддршка на УСАИД го спроведуваме проектот Поддршка за приватниот сектор за регионална интеграција кој е насочен кон изработка на конкретни активности со кои ќе им се даде директна поддршка на извозните компании, како и на оние кои планираат да започнат извозни активности во наредниот период. Покрај одредени алатки кои ги креираме за да им помогнеме на извозниците, нашата улога е да креираме и поинаква средина, односно да придонесеме како и на кој начин е можно да ја поттикнеме конкурентноста на компаниите и нивното соодветно прилагодување на регионалните и на пазарите на ЕУ, рече Пеева Ѓуриќ.

Токму затоа, им порача на присутните, за нас темата CBAM има големо значење за Ваше соодветно информирање зашто ги тангира извозниците од одредени сектори.

-Затоа е потребно навремено да ги следиме тековите, бидејќи знаеме дека CBAM механизмот на некој начин претставува камен-темелник  на Европскиот зелен договор и на Зелената агенда за Западен Балкан, нешто на што  и ние треба да се прилагодуваме и придружуваме иако не сме земја-членка на ЕУ, бидејќи неговата основна цел е да се бори против климатските промени, потенцира Пеева Ѓуриќ. 

Целта на настанот, додаде, е да се отвори поширока дебата за разрешување на сите дилеми кои ги имаат присутните за тоа што треба да се следи во однос на прилагодувањето при процесот на воведувањето на CBAM механизмот. Преодната фаза, како што рече, веќе почна од 1 октомври. 

Помошник директорот на Сектор за меѓународна соработка, проекти и европска интеграција при Царинската управа, Златко Ветеровски ги претстави основните карактеристики на Механизмот и неговите импликации врз македонската економија и извоз пред присутните стопанственици. Со цел да им се овозможи на компаниите навремено да се подготват за воведувањето на Механизмот од 1 јануари 2026 година, детално беа објаснети и разгледани, постапките, известувањата, сертификатите за содржина на јаглеродот, поддршката и неговото следење, како и практични примери за негово спроведување.  

Претставниците на приватниот и јавниот сектор имаа можност да се запознаат и со даночната политика на земјата во однос на Механизмот, која ја изложи Александра Наќева Ружин, посебен советник на министерот за финансии.вј/aa/

Фото: МИА

 

Остани поврзан