• четврток, 26 декември 2024

Метју Лосон: Националната развојна стратегија не е документ туку процес за развој на Северна Македонија

Метју Лосон: Националната развојна стратегија не е документ туку процес  за развој на Северна Македонија

Скопје, 10 октомври 2023

Обединетото Кралство активно го поддржуваше креирањето на Националната развојна стратегија (НРС) уште од почетокот на процесот. Оваа иницијатива веќе две и пол години е во тек и се очекува сеопфатниот стратешки документ да биде готов до крај на 2023 година. Дали сметате дека постигнатиот напредок досега даде значаен придонес кон изготвување сеопфатен и инклузивен долгорочен стратешки документ за Северна Македонија?

Иницијативата започна со помислата дека на земјата ѝ е потребна заедничка визија за иднината што ќе се постигне во договор помеѓу сите чинители коишто ќе вложат политичка волја и напори за да ја остварат. Сè започна како дискусија помеѓу истомисленици што знаат колку е тешко да се постигне консензус за долгорочна визија во тековната политичка средина којашто се одликува со високо ниво на поларизираност. Набрзо сфативме дека НРС треба да биде процес, а не документ, па решивме тоа да биде процес за сите, односно да ги вклучиме сите засегнати страни. Ни беше потребен пристап што ќе овозможи целосно учество и ќе го извлече најдоброто од Северна Македонија, односно, што е можно поинклузивен и потранспарентен пристап којшто сепак ќе гледа кон иднината. Одлучивме институциите, граѓанското општество, академскиот свет и приватниот сектор да бидат клучни партнери. Според процесот за НРС, овој пристап се нарекува „четирикратен хеликс”. Проектот во рамките на НРС за изготвување на првата верзија на документот за НРС и воспоставување на национални структури за понатамошно спроведување на процесот моментално е во последната фаза. Земјата презема одговорност да го води процесот и да ги вклучи сите засегнати страни, со цел да оствари стратешка комуникација и да покаже заложби и мотивација за воспоставување процес што ќе овозможи консензус за долгорочната визија за земјата. Навистина верувам дека процесот ќе го поплочи патот на понатамошниот развој на Северна Македонија.

Што ја прави НРС уникатна во споредба со претходните стратешки документи во земјата?

НРС не е само документ, туку е процес. Ние даваме поддршка за изготвувањето на првата верзија на документот и воспоставувањето на структурите. Во изминативе две години, институциите почнаа да ја вклучуваат НРС во нивните стратешки визии и процеси. Владата и државните институции учествуваа во бројни работилници и дебати за размена на мислења, методологиите за стратешко планирање на институциите почнаа да ја вклучуваат НРС, а меѓународните финансиски институции како што е Светска Банка почнаа да зборуваат за процесот на НРС. Процесот за пристапување кон ЕУ целосно се усогласи со начинот на којшто се осмислени националните приоритети. МАНУ исто така се вклучија во развојот на НРС. Младинските организации и граѓаните се вклучени директно и со помош на веб-страницата www.nrs.mk. Собранието и пратениците организираат јавни дебати за темите што ги опфаќа НРС, а приватниот сектор исто така е вклучен во приоритизацијата и дискусиите за политиките. Тимовите и експертите за НРС учат од најдобрите практики за изготвување долгорочни планови во Словенија, Хрватска, Германија, Велс итн. Минатата недела нè посетија експерти – главни урбанисти од

Владата на Шкотска коишто работат со националните експерти и институции на тема просторно планирање и рамномерен регионален развој. Она што е уникатно за НРС е тоа што оваа стратегија е многу инклузивна, ја предводат чинителите на национално ниво и ги зема предвид структурните и институционалните барања за да стане одржлива. И најважно е дека се изготвува за граѓаните, се споделува со граѓаните и ги поттикнува да ги споделат нивните гледишта.

Земајќи го предвид искуството на нашата земја во минатото, мора да напоменеме дека имаше недостатоци при практичното спроведување на претходни стратешки документи. Дали постои конкретна алатка или стратегија што ќе се погрижи Националната развојна стратегија (НРС) да не ја доживее истата судбина и да не остане само „џин на стаклени нозе”? Како ќе придонесе Методологијата за стратешко планирање што е поддржана од Обединетото Кралство кон постигнување успех во оваа фаза од процесот?

Тоа е одлично прашање, а дури би рекол и дека е правилното прашање што треба да се постави, земајќи го предвид претходното искуство со документи што не биле вклучени во стратешките планови и работата на институциите коишто требало да ги спроведат стратегиите. Иницијативата СИГМА (Поддршка за подобрување на владеењето и управувањето) на ОБСЕ исто така напоменува дека многу стратешки документи не се спроведуваат во пракса. Токму затоа даваме поддршка за проектот „Преосмислување на управувањето“ и работиме заедно со Славица Грковска, Заменик на Претседателот на Владата, Генералниот секретар и Генералниот секретаријат на Владата за да видиме како НРС и тематските стратегии би можеле да станат дел од стратешките планови и работата на институциите. Проектот исто така ги воведува клучните показатели на успешност, односно методологијата за следење на спроведувањето на политиките. За тоа да профункционира, потребно е да се направи реорганизација на работата на ресорните министерства и да им се овозможи да креираат политики засновани на конкретни податоци и докази, како и да се одредат реалистични и мерливи временски одредници за зајакнување на аналитичките капацитети во рамките на министерствата што ги креираат националните политики. Тоа е сеопфатен процес и сигурен сум дека ќе имаме можност да продискутираме за достигнувањата на овој проект во иднина.

Освен финансиска поддршка, Амбасадата на Обединетото Кралство исто така понуди и практична помош за овој процес. Односно, во наредниот период, експерти од Владата на Шкотска ќе се приклучат и ќе го споделат своето стручно знаење за да помогнат при изготвување на стратешките документи. Со какви уникатни гледишта или придобивки ќе придонесат за самиот процес?

Да, неколку институции имаат изготвено долгорочни планови во Обединетото Кралство, вклучувајќи ги и Велс и Шкотска. Навистина нѝ е драго што нашите колеги од Шкотска се согласија да дадат поддршка за процесот на НРС преку споделување на нивните искуства и научените лекции. Владата на Шкотска само што ја изготви четвртата Национална рамка за планирање и колегите дадоа важни совети за процесот на НРС во Северна Македонија. Нивниот пристап кон планирањето е интересен и се заснова на просторниот план и потребите на луѓето во секоја заедница посебно. Почнуваат од секој поединечен граѓанин и имаат за цел да го доближат долгорочниот развој до обичниот народ. Во нивните национални планови прават разлика помеѓу одржливи места, места каде што може да се живее и продуктивни места. Она што навистина ми се допаѓа во врска со нивните планови е тоа дека се напишани за граѓаните и сите можат да видат какво е значењето на планот за нив – за граѓаните, за политичарите и локалните власти и институциите што испорачуваат услуги за луѓето. Се надевам дека тоа ќе претставува инспирација за процесот на НРС во Северна Македонија и ќе се опфати значењето на националните планови за луѓето што живеат во селата и во градовите.

Во изминатата година и половина забележуваме дека се користи прилично инклузивен и сеопфатен пристап кон изготвување на Националната развојна стратегија. Над 4.000 граѓани директно учествуваа и придонесоа со идеи и предлози за идниот развој на земјата. Според Вас, колку е ова значајно за релевантноста и ефективноста на документот?

Токму тоа го прави процесот на НРС поразличен. Не станува збор за група луѓе, академици, политичари или експерти што седнале и напишале документ што бил објавен, однесен во некоја библиотека и таму почнал да фаќа прашина. Затоа постои онлајн платформа за споделување мислења. Затоа УНДП, коишто играат улога на секретаријат, тело што управува со спроведувањето на НРС, организираа бројни настани ширум земјата за да ја споделат приказната за НРС и да добијат мислења од граѓаните. Тимовите на НРС ги прашуваа граѓаните, експертите, институциите, медиумите, академскиот свет, бизнисите, граѓанското општество, политичките партии, како и младите на сите возрасти во каква земја би сакале да живеат и каква земја замислуваат за нивните деца во 2043 година. Преку таа вклученост, сите имаат можност да учествуваат, но, исто така, сите имаат контрола врз процесот, односно, секој граѓанин на Северна Македонија има одговорност да ги потсети идните политичари да ја почитуваат оваа визија кога ќе бараат гласови на избори во иднина.

Со оглед на тоа што престојувате во земјава повеќе од една година, како би го оцениле моменталниот развоен потенцијал на Северна Македонија и каква е Вашата визија за траекторијата на земјата за 20 години?

Северна Македонија е прекрасна земја со преубави природни ресурси каде што живеат пријатни луѓе коишто навистина се грижат за земјата, луѓе коишто се горди и луѓе коишто на своите семејства и деца сакаат да им ги овозможат најголемите придобивки што би ги понудила земјата. Имавте тешко минато, научивте многу нови лекции за демократијата и видовте дека патот кон ЕУ е вистинскиот пат за напредок и развој на земјата. Тоа е изборот на луѓето што живеат во Северна Македонија, а правилата, нормите и стандардите на ЕУ ќе овозможат подобар квалитет на живот. Сè уште треба да се работи, да бидам искрен. Доколку имате јасна визија, доколку секоја нова Влада не почнува нови реформи, доколку издвојувате и човечки и финансиски ресурси кон долгорочниот развој, тогаш земјата сигурно ќе го оствари својот развоен потенцијал. За земјата да држи чекор со останатиот дел од светот, клучно е да се земат предвид глобалните трендови, да се размисли за последиците од климатските промени, да се препознае додадената вредност на земјата на регионално и глобално ниво, да се предвиди развојот на технологијата и доброто владеење да има клучно значење за развојот на земјата. И самите гледате дека светот се менува, технологијата нè тера да се приспособуваме и да размислуваме брзо. Северна Македонија има свое место во светот, во Европа, а ние се радуваме на можностите за соработка во иднина.

 

Интервју со Метју Лосон, Амбасадор на Обединетото Кралство во Северна Македонија

УНДП

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан