• недела, 24 ноември 2024

Мето Јовановски со награда за животно дело на осмиот Балкан панорама филм фестивал во Измир

Мето Јовановски со награда за животно дело на осмиот Балкан панорама филм фестивал во Измир
Скопје, 23 мај 2022 (МИА) - На свеченото отворање на осмото издание на Балкан панорама филм фестивал во Измир, Турција на македонскиот актер Мето Јовановски му беше доделена наградата „Златен чадор“ за неговиот придонес во филмската уметност. Како што информир Кинотека, наградата на нашиот истакнат филмски и театарски уметник му  ја додели Ахмет Мисбах Демирџан, заменик-министер за култура на Република Турција. Мето Јовановски е почесен гостин на фестивалот и член на жирито за избор на најдобар филм во интернационалната програма. -Филмот како медиум, односно магични подвижни слики, ги надминуваат сите граници, бариери и се достоен репрезент, духовна вредност на културните различности и духовен спој, мост во заедништво, пријателство и љубов меѓу народите. Чест и привилегија е да се биде во создавањето на една филмска сторија покрај бројни филмски великани, кои умеат: животот, историското минато, бројните настани и случувања да ги преточат во мисловен, возвишен и магичен креативен филмски свет, во филмска сторија како општочовечка вредност. За жал, нештата не секогаш се такви какви што ги посакуваме. Денес сите ние сме исправени пред нови предизвици и сведоци на бројни настани и промени, со желба за едно подобро утро во кое централна тема ќе бидат универзалните вредности како патоказ и ориентир за сите нас, истакна Јовановски. Во чест на Мето Јовановски на фестивалот ќе се прикаже македонскиот филм „Тетовирање“ на режисерот Столе Попов. 8. Балкан панорама филм фестивал се одржува во Измир од 21 до 27 мај и е поддржан од турското Министерство за култура и туризам, како и од локалната самоуправа на Измир и се одржува во измирската општина Буча. На ова издание ќе бидат прикажани повеќе од 150 филмови во повеќе од 250 проекции на шест локации во Измир, а селектираните филмови доаѓаат од деветте балкански земји. Унгарија е земјата во фокус на овогодинешното издание на фестивалот ка кој присуствуваат бројни филмски уметници од балканскиот регион. Во официјалната селекцијата за главната награда на фестивалот се натпреварува и македонскиот филм „Хомо“ на Игор Иванов Изи, а како дел од разни селекции вклучени се и следните македонски филмови: „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи, „Проблемот на Тина“ на Радован Петровиќ, „Врба“ на Милчо Манчевски, „Дедо и внук“ на Илија Пиперковски, „Манаки во слики“ на Роберт Јанкуловски, „Враќање“ на Кастриот Абдули, „Сведок“ на Митко Панов. Од Кинотека информираат дека можеме да кажеме дека и македонската кинематографија е дел од фокусот на овој фестивал. мд/

Остани поврзан