• недела, 24 ноември 2024

Мета: Одбраната на Уставниот суд е црвена линија на секој чесен Албанец

Мета: Одбраната на Уставниот суд е црвена линија на секој чесен Албанец
Тирана, 23 февруари 2020 (МИА) - Во низата пораки кои албанскиот претседател Илир Мета ги упати до граѓаните со повик за масовно учество на протестот што тој го организира на 2 март, е и онаа во која тој категорично наведува дека „одбраната на Уставниот суд е црвена линија на секој чесен Албанец“. - На 2 март на плоштадот „Народни херои“ да и покажеме на оваа мафијашка организација дека трпеливоста ја преминала секоја граница и дека одбраната на Уставниот суд е црвена линија на секој чесен и одговорен Албанец што ја заштитува својата и иднината и на неговите деца во оваа земја, од целосната инсталација на антинационалната тиранија како што ја гледате секој ден, напиша Мета на Фејсбук. Додава дека борбата за Уставниот суд е одлучувачка битка не само за иднината на демократијата, туку и за самото постоење на државата и нацијата. - Тие се во најголема опасност од кога било досега, од оваа мафијашка организација на власт, локална ќелија на меѓународна организација што ја посакува нашата територија, која е многу стратешка како од геополитички аспект така и за многу криминални активности со огромни придобивки, посочува Мета. Шефот на албанската држава додава дека станува збор за високо структурирана организација „со јасна програма за инсталирање режим кој секојдневно ги крши правата на Албанците и дека преку мафијашкото зграпчување на Уставниот суд има за цел засекогаш да ги уништи демократските и легитимни права, поставувајќи ги пред две решенија: безусловно да се потчинат или да ја напуштат земјата“. Мета откако го обвини владејачкото мнозинство дека со измените на законот за именување судии во Уставниот суд се обидува да го финализира државниот удар, минатата недела најави масовен протест на 2 март на плоштадот „Народни херои“. Тој денеска се заблагодари на поддршката која ја добива од албанските граѓани од дијаспората кои најавиле доаѓање на денот на протестот во Тирана. вт/

Остани поврзан