• сабота, 21 декември 2024

Мета од Пустец: Да овозможиме прекрасната македонска заедница да го зачува својот национален идентитет

Мета од Пустец: Да овозможиме прекрасната македонска заедница да го зачува својот национален идентитет

Тирана, 29 април 2023 (МИА) - Во Пустец попладнево беше одржан изборен собир на кој пред жителите се претстави кандидатот за градоначалник Панди Јани, а се обрати и лидерот на Партијата на слободата,  Илир Мета.

- Овде живее една прекрасна заедница, за која, добро знаете имам посебна почит. И кога бев претседател на државата, Пустец беше општина која најмногу сум ја посетувал во мојот петгодишен мандат. И денеска сум тука да дадам поддршка за идниот градоначалник Панди Јани и визијата за развиена општина, подобра иднина на сите жители, порача Мета од изборниот собир во Пустец.

Тој порача дека „заедно со идниот градоначалник Панди Јани“, ќе создадеме услови да ги задржиме младите тука и да ги вратиме во родното место оние кои заминале.

- Да овозможиме на оваа прекрасна македонска заедница да ги негува и зачува и својот национален идентитет, обичаи, песни, ора, верски обичаи. Ветувам дека заедно ќе ја доизградиме внатрешноста на црквата, која денес ја посетивме и се помолиме за здравје и напредок, рече Мета.

Тој додаде дека Јани е искрен, одлучен и  транспарентен човек, кој ќе биде во служба на жителите, а со идеалните услови со кои располага ова подрачје ќе го развие агротуризмот.

Претставувајќи се пред своите сограѓани, Панди Јани вети дека има јасни проекти кои со заедничко залагање ќе бидат реализирани во интерес на жителите на општината и оти целосно ќе биде во служба на своите сограѓани.

- Мојата програма се заснова на четири столба а тоа е развој на туризмот, асфалтирани улици во сите населени места, стопирање на емиграцијата на младите со вработување без роднински, пријателски и партиски врски,  како до сега. Со сите сили и знаење ќе се залагам за враќање на оние кои заминале и секако економска помош која ќе ја добиваат тие на кои им е најпотребна, вети Јани, додавајќи дека е убеден во победата на претстојните избори.

На изборниот собир се обратија и други говорници кои побараа масовна поддршка за Панди Јани што ќе значи „збогување со монистички власт која Општината ја претворила во гнездо на корупција и непотизам" и трансформација на Пустец во „развиена општина со лик каков заслужуваат нејзините прекрасни и вредни луѓе". 

Панди Јани е кандидат на Партијата на слободата која ја предводи изборната коалиција „Заедно победуваме“. вт/сп/

Фото: Фејсбук на Илир Мета

 

Остани поврзан