• петок, 22 ноември 2024

Меси: Среќен сум во репрезентацијата, но секој натпревар може да биде мој последен

Меси: Среќен сум во репрезентацијата, но секој натпревар може да биде мој последен

Буенос Аирес, 17 октомври 2024 (МИА) - Капитенот на Аргентина, Лионел Меси изјави дека ужива да игра за националниот тим и има намера да игра за неа се додека здравјето му дозволува.

- Навистина е убаво да се почувствува енергијата на луѓето кои го скандираат моето име од возбуда... Сите ги сакаме овие моменти што ги имаме со години и врската со луѓето. Сакам да бидам тука, да играм за Аргентина. Тоа ме инспирира, уживам, среќен сум што сум покрај моите соиграчи, и покрај мојата возраст. Кога сум во репрезентацијата се чувствувам како дете. Затоа што се чувствувам удобно и се додека можам да му помогнам на тимот, ќе уживам, го цитира Меси „TyC Sport“.

Аргентинецот одговори и на прашање кога би сакал да ја заврши репрезентативната кариера.

- Вистината е дека не одредив датум или рок, само уживам во сето тоа. Многу сум среќен што сум во националниот тим и ја чувствувам љубовта на луѓето, бидејќи знам дека секој натпревар може да биде мој последен, додаде играчот.

Меси за репрезентацијата на Аргентина игра од 2005 година. Триесет и седумгодишниот напаѓач има рекордни 189 натпревари и 112 гола за националниот тим. Како дел од репрезентацијата, Аргентинецот стана светски шампион и двократен победник на Купот на Америка. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан