• петок, 27 декември 2024

Месиќ: Македонската нација е историски факт, не ја создал ниту Тито, ниту Коминтерната

Месиќ: Македонската нација е историски факт, не ја создал ниту Тито, ниту Коминтерната
Скопје, 26 ноември 2020 (МИА) - Сметам дека односот меѓу Бугарија и Македонија, во времето додека Македонија беше во рамките на Југославија, одамна е апсолвирано прашање и дека тука не смее да има никакви проблеми. И сите оние што сега го потегнуваат таквото прашање очигледно можат само да им пречат на односите меѓу Македонија и Бугарија, но и на мирното решавање на проблемите во целиот регион, вели поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ во интервју за МКД.мк. Тај нагласува дека бугарското вето кон Северна Македонија не е во согласност со европските вредности, ниту во европски интерес.
- Во тоа и е работата, бидејќи ако дефинитивно било решено прашањето за односите меѓу Југославија и Бугарија, а со тоа и на Македонија и Бугарија, мислам дека сега не е ни во европски интерес, ни во интерес на регионот, а на крајот ни во интерес на Македонија, ни на Бугарија, да се поставуваат прашања што веќе се решени, кои дефинитивно се решени, кои се апсолвирани, вели Месиќ. На прашањето што Бугарија добива со ваквите потези, Месиќ вели дека тие повеќе се последица на бугарските внатрешни прашања. - Имаат многу работи што не се решени, па наједноставно е да се покрене такво прашање што треба да ја окупира домашната јавност, па да се заборави на она што треба да се решава во сопствената земја, додава поранешниот хрватски претседател. Месиќ потенцира дека македонската нација е посебна нација, како и македонскиот јазик и оти не држат тврдењата дека се создадени од Коминтерната. - Никаква Коминтерна не го создала ниту бугарскиот, ниту македонскиот јазик. Бидејќи и едниот и другиот јазик се јазици што ги говорат посебните народи, бугарскиот народ - бугарски, македонскиот народ - македонски. А сличности има. Има и меѓу српскиот и хрватскиот, па Србите го нарекуваат српски, Хрватите - хрватски, Бошњаците - бошњачки, Црногорците - црногорски. Не гледам ниту една причина сега да се поставува прашањето за македонска нација и македонски идентитет. Македонската нација постои, таа е историски факт и секој што тука нешто проблематизира, всушност им штети на односите во цела Европа, нагласува Месиќ. Тој додава дека сите во регионот имаат многу заедничка историја, но тоа не значи оти сега треба да се покренуваат некои прашања што веќе не постојат. - Тоа е прашање на идентитетот на македонската нација, македонскиот народ, македонската држава и во таа смисла никој нема право да се меша и да бара некакви историски факти што можат да ги нарушат сегашните односи меѓу државите, кои мора да бидат нормални, додава Месиќ. Во однос на тврдењето дека Тито ја создал македонската нација, Месиќ одговара дека Тито никого не го создал, туку само ги констатирал фактите. - Ако е така, тогаш би значело дека Тито ги создал и Србите и Хрватите и Словенците. Ние бевме во една државна заедница, Кралство Југославија, во кое не беа решени националните прашања. Националните прашања кај нас се решени во Народноослободителната борба, која ја водеше маршалот Тито. Но секој народ го извојува своето право и да има свој јазик и да има своја територија и идентитет, вели Месиќ. Во однос на барањата да се избрише фразата „бугарски фашистички окупатор“, но и тврдењето дека бугарските војски биле ослободители во Македонија во Втората светска војна, Месиќ на став дека ако се говори за историја, тогаш треба да се почитуваат сите факти. - Бугарија беше на страната на силите на Оската и на крајот прејде на страна на сојузниците, а македонскиот народ заедно со припадниците на другите народи на просторот на Македонија го извојува своето право на република и на крајот право на своја држава, додава тој. Запрашан за совет, со оглед на тоа дека Хрватска имаше искуство со словенечката блокада пред влезот ЕУ. Месиќ вели дека не е добро да се покренуваат некои маргинални прашања што имаат суштински одрази. - Не е добро со такви прашања да се заоструваат односите меѓу цели народи и држави. Особено што нашата судбина, како и на други народи во Европа, е да се приклучиме во Европската Унија. Јас секогаш сум бил за тоа приклучувањето што повеќе да се забрза, Европа да биде голем играч во светот, меѓу големите играчи, но само ако е обединета. Затоа треба само да се поттурне обединувањето. И кога Европа ќе биде обединета, тогаш ќе биде голем играч во однос на Русија, Кина, Индија, САД. Кога ќе се обедини до крај, се губи и мотивот за војна, бидејќи сите војни во Европа биле за тоа дека наводно агресорот ги штити своите национални малцинства во друга земја, а всушност освојувал туѓи територии. Хитлер секогаш тврдел дека ги штити подунавските Германци, дека ги штити судетските Германци, а всушност освојувал туѓи територии. Што правеше Слободан Милошевиќ? Истото. Тврдеше дека ги штити Србите во другите земји, а сѐ заврши со катастрофа, додава Месиќ. Тој потенцира дека е потребно обединување на Европа, отворање на границите, согледување на заедничките европски вредности. - Ќе се договара во интерес на сите, но што е најважно, ниеден народ нема да биде запрен во својот развој, туку целиот корпус на еден народ полесно ќе се развива бидејќи границите не му пречат. Сеедно ќе му биде на еден Србин или Французин дали е од едната или од другата страна на границата. Па еден Албанец, Македонец, сосема сеедно е од која страна на границата е, бидејќи законската регулатива ќе биде искреирана во корист на сите. На тој начин се исклучува војната како политичко средство. Јас за тоа повеќе пати разговарав со вашиот писател Коле Чашуле. Нему му беше кристално јасно и инсистираше на тоа да се забрза влегувањето во ЕУ токму заради тоа, да се отворат границите и народите да соработуваат наместо да се судираат. И сега, наместо да се зборува за инфраструктура, поврзување, се зборува за историја. А историјата не може да се менува, што е создадено, создадено е, додава Месиќ. ац/сп/

Остани поврзан