• среда, 25 декември 2024

Мерц ќе се обиде со Трамп да постигне договор на порамноправна основа

Мерц ќе се обиде со Трамп да постигне договор на порамноправна основа

Берлин, 10 ноември 2024 (МИА) - Фридрих Мерц, лидерот на германските опозициски демохристијани, изјави дека како германски канцелар ќе се обиде да постигне договор со новоизбраниот претседател Доналд Трамп што ќе ја стави Германија на порамноправна основа.

Се смета дека Мерц има најголеми шанси да го наследи канцеларот Олаф Шолц на предвремените избори што се очекуваат на почетокот на следната година, откако во средата се распадна владејачката трипартитна „семафор коалиција“ на канцеларот Шолц.

-Мораме од статусот на заспана сила од средна големина повторно да станеме водечка сила од средна големина, изјави Мерц за германското списание „Штерн“.

„Никогаш не сме ги артикулирале и претставувале нашите интереси доволно јасно во Германија и мораме тоа да го промениме. Американците се многу поактивни во овој поглед“, рече Мерц.

-Не треба да има корист само едната страна, туку треба да направиме добри договори за двете страни. Трамп тоа би го нарекол договор, додаде тој.

Мерц го наведе примерот со испораката на американски борбени авиони.

-Од Американците купуваме борбени авиони „Ф-35“ од нужда, но тогаш треба да ги одржуваме овде, а да ги добиеме и потребните капацитети за тоа. Тоа би било добра зделка за двете страни, истакна шефот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ).

„Го следам Трамп и разговарам со многу луѓе кои многу добро го познаваат. Ми велат: Мора да му пристапиш со исправено држење и со јасност“, додаде Мерц.

Мерц ја обвини германската Блада за слаб одговор на американските избори, од кои Трамп излезе како јасен победник.

Тој смета дека Берлин требаше да биде подготвен за таков исход, но наместо тоа избра да застане на страната на демократската кандидатка Камала Харис.

-Трамп има добра меморија. Новата администрација повеќе нема да ја слуша актуелната власт. Шолц сега стана ирелевантен на меѓународно ниво, рече Мерц.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан