• вторник, 24 декември 2024

Мерц: На Германија итно и е потребна поинаква политика

Мерц: На Германија итно и е потребна поинаква политика

Берлин, 13 ноември 2024 (МИА) - Лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и кандидат на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) за германски канцелар Фридрих Мерц денеска го критикуваше германскиот канцелар Олаф Шолц, велејќи дека на Германија „итно и треба сосема поинаква политика“.

За време на својот говор во Бундестагот, тој рече дека Шолц изгледа „не е од овој свет, туку од друг космос“, оценувајќи дека актуелниот канцелар ја поделил Германија.

Мерц изјави дека фотографиите генерирани со помош на вештачка интелигенција, а на кои тој се наоѓа, на социјалните мрежи ги споделуваат членови на партијата на Шолц, што, според него, значи дека СДП на Шолц подготвувала кампања и дека е „подготвена да удри под појасот". 

Тој изјави дека, доколку биде избран за канцелар, „никогаш нема да соработува“ со екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД).

Мерц рече дека ако победи на изборите, ќе ја промени климатската политика на Германија, ќе работи на контролата на имиграцијата и ќе го зајакне германскиот „транспортен центар“ и дигиталните стандарди.

Пред Мерц, пред Бундестагот се обрати германскиот канцелар Олаф Шолц, кој потврди дека ќе побара гласање за доверба на Владата на 11 декември, а Бундестагот ќе гласа за тоа на 16 декември, со што ќе се отвори патот за одржување  предвремени избори на 23 февруари идната година. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан