Мерцедес не ги коментираат шпекулациите за привлекувањето на Верстапен
- Директорот на Формула 1 тимот на Мерцедес, Тото Волф, одби да ги коментира шпекулациите за можна преселба во тимот на светскиот шампион Макс Верстапен (Холандија) од Ред Бул.

Бракли, 15 април 2025 (МИА) - Директорот на Формула 1 тимот на Мерцедес, Тото Волф, одби да ги коментира шпекулациите за можна преселба во тимот на светскиот шампион Макс Верстапен (Холандија) од Ред Бул.
-Да го донесеме Макс? Задоволни сме со тоа што го имаме, изјави Волф за „Скај спортс Германија“.
Мерцедес беше заинтересиран за Холанѓанецот минатата година, а договорите на двајцата актуелни возачи на тимот, Џорџ Расел (Велика Британија) и Андреа Кими Антонели (Италија) истекуваат на крајот од кампањата.
Причина за информацијата за можното заминување на Верстапен беше настапот на Ред Бул на Големата награда на Бахреин минатиот викенд, кога Холанѓанецот заврши едвај шести. Голем број стручњаци тогаш коментираа дека доколку тимот не ги подобри своите резултати, светскиот шампион во последните четири сезони може да ја искористи опцијата за предвремен раскин на договорот, кој е до 2028 година.
Советникот на австрискиот тим, Хелмут Марко пред неколку дена навести дека е сосема можно Верстапен да сака да си замине доколку Ред Бул не е конкурентен.
-Загриженоста е голема... сигурно мора да има подобрувања и во многу блиска иднина, за тој повторно да има болид кој може да победува на трките, рече Марко по Големата награда на Бахреин во неделата, кога тимот беше значително побавен од Мекларен, Ферари и Мерцедес. дс
Фото: Архива