• среда, 01 јануари 2025

Мерки на грчката Влада за заштита на децата од дигиталната зависност

Мерки на грчката Влада за заштита на децата од дигиталната зависност

Атина, 30 декември 2024 (МИА) – Специјален сајт и специјална апликација што на родителите им дава низа алатки за да ја контролираат употребата на интернетот и социјалните мрежи од страна на децата, беа презентирани во рамките на Националната стратегија на грчката Влада за заштита на децата од дигиталната зависност, при што беше истакнато дека целта и намерата не е целосна забрана на социјалните мрежи, јави дописничката на МИА од Атина.

Преку платформата за родителска контрола, родителите ќе се информираат за можностите што ги имаат за мобилните телефони на децата, односно да им го ограничат времето на децата за одредени апликации, да филтрираат сајтови, да забранат целосен пристап итн.

Главната алатка за родителите ќе биде апликацијата „Kids Wallet“, што на пролет ќе биде пуштена во употреба и ќе се инсталира на уредите што ги користат децата, а преку која ќе се потврдува возраста на корисникот и на родителите ќе им дава можност да постават конкретни временски ограничувања за децата, односно колку часа може да бидат на социјалните мрежи и да ја контролираат употребата на мобилниот од детето.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на презентацијата посочи дека целосната забрана на социјалните мрежи не би било ефективно решение, па така што владината стратегија е адаптирана на самата реалност на користењето на социјалните медиуми од страна на децата и тинејџерите.

За апликацијата „Kids Wallet“ изрази надеж дека би можело да биде прифатена и на европско ниво. ср/рп/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан