• недела, 24 ноември 2024

Меркел: Се бориме за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија

Меркел: Се бориме за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија
Скопје, 30 ноември 2020 (МИА) - Северна Македонија се уште има шанси да ја одржи првата Меѓувладина конференција со ЕУ оваа година, во текот на германското претседавање со ЕУ, изјави канцеларката Ангела Меркел на денешната видео-конференција со парламентарците од европскиот континент, објави Дојче Веле на македонски јазик. Сепак, канцеларката рече дека тие се соочуваат со потешкотии во врска со одржувањето на меѓувладината конференција и дека се уште постои потреба од преговори меѓу Бугарија и Северна Македонија.. -Се соочуваме со потешкотии да овозможиме одржување на меѓувладината конференција со Северна Македонија, рече Меркел. Албанија, како што кажа, направи голем напредок, но особено е во прашање дали ќе успееме навреме со Северна Македонија, затоа што се уште постои потреба од преговори меѓу Бугарија и Северна Македонија. Подоцна, одговарајќи на прашање на пратениците, Меркел рече дека се надева дека Северна Македонија годинава ќе ги започне преговорите, додека Албанија ќе мора да почека. -Во случајот на Албанија, прашањето е малку поинакво. И покрај напредокот, не можам да ветам дека тоа ќе се случи оваа година, но многу наскоро, рече канцеларката на виртуелниот состанок со парламентарните комитети на земјите членки на ЕУ. Меркел пред парламентарците рече дека му се посветува големо внимание на регионот на Западен Балкан, и дека таму „има тензии, но има и напредок“. Според неа, Берлинскиот процес се покажал како добра иницијатива која дава резултати. ев/дма/

Остани поврзан