• вторник, 24 декември 2024

Меркел: Не можевме да ја предвидиме блокадата на Бугарија

Меркел: Не можевме да ја предвидиме блокадата на Бугарија
Берлин, 5 јули 2021 (МИА) – Не можевме да предвидиме дека Бугарија ќе го блокира почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел по состанокот со шефовите на држави и влади од шесте земји од Западниот Балкан, јави Дојче Веле на македонски јазик. Оценувајќи го напредокот на регионот во последните 16 години откако таа е германски канцелар, Меркел рече дека имало и добри и лоши моменти. Генералната оценка на Меркел е дека во последните седум години, од почетокот на таканаречениот Берлински процес, имало успеси, но и оти останува доста да се сработи во делот на борбата против корупцијата. Како позитивен пример од регионот таа го наведе таканаречениот „ветинг“ процес во Албанија и оцени дека Берлинскиот процес отворил нов квалитет во соработката во регионот. Според Дојче Веле, во делот на изненадувачкиот развој на настаните, Меркел ја наведе бугарската блокада на Северна Македонија. - Некои тешкотии не можете да ги предвидите. Долго гледавме како Северна Македонија и Грција преговараа за името. (…) (Откако се реши спорот) Северна Македонија стана членка на НАТО, но одеднаш Бугарија го блокираше почетокот на преговорите за членство во ЕУ, рече Меркел. Германската канцеларка уште еднаш повтори дека иднината на регионот е во ЕУ и тоа, според неа, не е интерес само на земјите од Западниот Балкан туку и на самата ЕУ. Наведувајќи ги тешкотиите со кои се соочува регионот, Меркел наведе три: спорот меѓу Србија и Косово, состојбата во БиХ, како и спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија. - Потребно ни е многу трпение, но и голем ангажман за да се надминат овие спорови, рече Меркел. Одговарајќи на новинарско прашање околу позицијата на Франција за проширувањето на ЕУ, Меркел рече дека францускиот претседател Емануел Макрон исто така бил на виртуелниот состанок и „јасно се изјаснил за перспективата на членство во ЕУ на земјите од регионот“. Таа сепак објасни дека освен во Франција и Холандија, дискусии за проширувањето на ЕУ се водат и во Германија и повика Конференцијата за иднината на Европа да го даде одговорот на прашањето: Кога ЕУ повторно ќе биде подготвена за проширување. Меркел на состанокот вети и три милиони дози вакцини за земјите од Западниот Балкан.

Остани поврзан