• вторник, 12 ноември 2024

МЕПСО: Земјоделците да бидат внимателни додека ракуваат со опремата за наводнување во близина на далекуводите

МЕПСО: Земјоделците да бидат внимателни додека ракуваат со опремата за наводнување во близина на далекуводите

Скопје, 13 јуни 2024 (МИА) - АД МЕПСО ги предупредува земјоделците во екот на сезоната за наводнување и жетва, да бидат особено внимателни додека ракуваат со опремата за наводнување, со земјоделската механизација и со дополнителната земјоделска опрема во близина на далекуводите од преносната мрежа. 

-Од исклучително значење е земјоделците да се придржуваат кон следните напаствија: Не поминувајте со комбајни или друга робусна земјоделска механизација под проводниците; Не поставувајте цевководни системи за наводнување под проводните јажиња во далекуводните траси; Не ги кревајте во височина металните цевки од системите за наводнување под проводните јажиња на далекуводите бидејќи металот е проводник на електрична енергија; Не ги поставувајте прскалките за наводнување под проводните јажиња и во безбедносните коридори на далекуводите од преносната мрежа. Допирот на водениот млаз со проводните јажиња може да биде кобен по животот на луѓето кои се наоѓаат под трасата на далекуводот; Не палете стрништа во близина на далекувод бидејќи се загрозува доверливоста на електроенергетскиот систем, велат од МЕПСО

Дополнително апелираат спортските риболовци да бидат особено внимателни при манипулација со риболовните стапови во близина на далекуводи, а граѓаните да не вршат градежни работи на трасите на далекуводите, под јажињата за пренос на електрична енергија.

-Да бидеме одговорни и да се грижиме за сопствениот живот и за животот на другите! Не загрозувајте ја доверливоста на електропреносниот систем!, порачуваат од МЕПСО.вј/aa/

Фото: МИА архива

Остани поврзан