МЕМО одржа jавна расправа за правилата на организираниот пазар и работилница за пазарот во тековниот ден
- Националниот оператор на пазар на електрична енергија - МЕМО ДООЕЛ Скопје одржа јавна расправа за правилата за работа на организираниот пазар на електрична енергија, како и работилница посветена на пазарот во тековниот ден (Intraday Market), чиј почеток е планиран за 6 мај годинава.
Скопје, 23 март 2026 (МИА) - Националниот оператор на пазар на електрична енергија - МЕМО ДООЕЛ Скопје одржа јавна расправа за правилата за работа на организираниот пазар на електрична енергија, како и работилница посветена на пазарот во тековниот ден (Intraday Market), чиј почеток е планиран за 6 мај годинава.
На настанот, информираат од МЕМО, учествуваа претставници од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Регулаторната комисија за енергетика, МЕПСО, ЕВН, ЕСМ, како и компании снабдувачи, трговци и производители на електрична енергија.
Присуството на сите релевантни фактори овозможи конструктивна дискусија и размена на мислења за клучните аспекти од функционирањето на организираниот пазар. Настанот го отвори директорот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, кој ја истакна посветеноста на институцијата кон развој на ефикасен, транспарентен и конкурентен пазар на електрична енергија во согласност со европските практики и стандарди, велат од МЕМО.

- Воспоставувањето на пазарот во тековниот ден е од клучно значење за зголемување на флексибилноста и ефикасноста на тргувањето со електрична енергија, особено во услови на зголемено учество на обновливите извори. Овој пазар им овозможува на учесниците навремено да ги приспособат своите позиции, што директно придонесува кон намалување на дебалансите и оптимизација на трошоците - истакнал Ѓорѓиевски.
Во своето обраќање тој посочил и дека во јануари годинава е потпишан договор со словенечката енергетска берза BSP Energy Exchange како избран економски оператор за обезбедување услуги на трговска платформа и клиринг за пазарите ден однапред и во тековниот ден.

За правилата за работа на организираниот пазар говореше Митко Огненоски, раководител на оддел за обновливи извори на енергија и организиран пазар на електрична енергија, кој истакна дека тие ги уредуваат условите за тргување, клиринг и порамнување, како и оперативните правила, кодексот на однесување и процесот на регистрација на учесници, со цел обезбедување високо ниво на транспарентност, сигурност и ефикасност на пазарот.

Во рамките на работилницата, претставниците на BSP, Матеј Годец и Таи Каштрун, го презентираа софтверското решение, кое овозможува тргување во речиси реално време, како и практичните аспекти од функционирањето на пазарот во тековниот ден.

Овие активности се дел од пошироките напори за понатамошен развој и интеграција на македонскиот пазар на електрична енергија во регионалниот и европскиот пазар во пресрет на официјалниот почеток на Intraday-пазарот во мај годинава.вј/са/
Фото: МЕМО