• недела, 17 ноември 2024

Меморандум меѓу МОН и Амбасадата на Швајцарија за унапредување на средното стручно образование

Меморандум меѓу МОН и Амбасадата на Швајцарија за унапредување на средното стручно образование

Скопје, 31 јануари 2023 (МИА) – Промоцијата и подигнувањето на квалитетот на средното стручно образование во државава со унапредување и проширување на концептот на учење преку работа во компании ќе биде во фокусот на работата на Министерството за образование и наука за што ќе биде поддржано од Владата на Швајцарија.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири и швајцарската амбасадорка Вероник Улман за таа цел денеска во МОН потпишаа Меморандум за продолжување на досегашната успешна соработка. Тој предвидува спроведување конкретен план со повеќе заеднички активности до 2026 година.

Шаќири по потпишувањето рече дека меморандумот ќе овозможи продолжување на кампањата „Учи паметно, работи стручно“, која четврта година ќе се имплементира во земјава, проширувајќи и промовирајќи го дуалното образование како концепт кој се базира на учење преку работа во компании и дава голем придонес во подигнувањето на степенот на вработливост кај младите и скратување на времето на премин од образование кон работа.

Информираш дека за три години концептот на дуално образование го прифатиле 61 училиште во државава, а во првата биле само осум училишта.

-Од 11 паралелки во кои се реализираше дуално образование во учебната 2020-2021 година со вкупно 98 ученици, во оваа учебна 2022-2023 имаме 225 популарно наречени дуални паралелки со 3228 ученици. Или, вкупно во овие три години, во дуално образование се запишаа над 4800 ученици. Секако, МОН обезбеди и дополнителна стимулација за да се зголеми интересот за овој тип на образование, со воведувањето на 1500 стипендии за учениците кои ќе се запишат во дуални паралелки и тоа во износ од 3.300 денари  месечно. Исто така, и бројот на компании кои прифатија да бидат дел од образованието на младите, гледајќи во нив потенцијална квалитетна работна сила, се зголеми од 16 на 450 компании, истакна Шаќири.

Амбасадорката на Швајцарија Вероник Улман  изрази задоволство да се помогне кога се видливи намерите на Владата на Северна Македонија да создава квалитетен кадар кој недостига во стопанството, но и напорите за развој и интегрирање на националниот образовен систем во европскиот образовен простор.

-Нашата собработка почна во 2018 година и оттогаш таа даде значајни резултати за младите и за приватниот сектор во Република Северна Македонија. Како дел од овој Меморандум за соработка, Швајцарија ќе одвои дополнителни 5,9 милиони швајцарски франци, со што вкупната поддршка на Швајцарија за реформите на системот за развој на стручни вештини во земјата ќе се зголеми на 12 милиони швајцарски франци, истакна  Улман.

Размената на искуства во рамки на швајцарската поддршка и размената на знаења и најдобри пракси, додаде таа, директно го поддржува дуалниот стручен и образовен систем преку поврзување на приватниот сектор со образованието, со цел да му овозможи да пристапи до квалификувана работна сила и да придонесе за пристојни можности за вработување на младите во земјата. хс/са/

Остани поврзан