• петок, 10 јануари 2025

Мелони: Се согласувам со Маск, Сорос се меша во внатрешните работи на други држави

Мелони: Се согласувам со Маск, Сорос се меша во внатрешните работи на други држави

Рим, 9 јануари 2025 (МИА) – Премиерката на Италија, Џорџ Мелони на денешната годишна прес-конференција во Рим изјави дека се согласува со милијардерот Илон Маск дека американскиот финансиер и филантроп Џорџ Сорос се меша во внатрешните работи на другите земји.

- Проблемот е кога овие луѓе користат ресурси за да финансираат партии и здруженија ширум светот за да влијаат врз политиката, што верувам дека Маск не го прави, за разлика од Сорос, наведе Мелони.

Таа додаде дека сопственикот на Тесла не претставува закана за демократијата поради неговите изјави. Мелони истакна дека не зема пари од Маск, туку дека „другите“ земаат од Сорос.

Италијанската премиерка, коментирајќи ја поддршката на Маск за ултрадесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД), потсети на наводното германско мешање во политиката на Италија.

- Сакам да потсетам на мешањето на Германија во италијанските општи избори, посочи Мелони, алудирајќи на загриженоста на Берлин поради нејзините десничарски ставови.

Маск во ноември минатата година побара да бидат отпуштени италијанските судии, кои наредија враќање на мигрантите од мигрантските центри во Албанија во Италија. Тој во 2019 година го поддржа десничарскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини за време на судскиот процес за киднапирање. Салвини тогаш повеќе денови не дозволуваше околу 40 мигранти да влезат во Италија. Тој подоцна беше ослободен од обвинението.

Мелони на годишната прес-конференција претходно се осврна и на изјавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за анексија на Гренланд и на Панамски Канал.

- Исклучувам дека САД насилно ќе присоединат територии од нивни интерес во наредните години … Изјавите на Трамп првенствено претставуваат порака насочена кон другите големи сили … Зборуваме за две територии каде што влијанието на Кина расте во изминатите години, посочи Мелони, која на 4 јануари имаше средба со Трамп.

Таа се осврна и на американската поддршка за Украина, која според неа нема да се намали.

- Искрено, не гледам дека САД се повлекуваат, наведе Мелони, додавајќи дека Трамп изјавил: „Бидејќи го сакаме мирот, нема да ја напуштиме Украина“. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан