• среда, 18 декември 2024

Мелони: „Надреално“ е да не се земе предвид мислењето на европските гласачи

Мелони: „Надреално“ е да не се земе предвид мислењето на европските гласачи

Брисел, 27 јуни 2024 (МИА) - Италијанската премиерка Џорџија Мелони изрази несогласување со договорот меѓу Европската народна партија (ЕПП), социјалдемократите и либералите за распределба на функциите на водечките раководни места во ЕУ, оценувајќи дека е „надреално“ да не се земе предвид мислењето на европските гласачи. 

- Има такви кои тврдат дека граѓаните не се доволно мудри за да донесат одредени одлуки и дека олигархијата е единствената прифатлива форма на демократија, но јас не се согласувам, изјави Мелони во Рим во пресрет на дводневниот Самит на ЕУ во Брисел што почнува попладнево, на кој треба да се донесе одлука за имињата на носителите на врвните функција во Унијата . 

Трите европски групации од т.н. „проверопско“ мнозинство во Европарламентот се договорија поранешниот португалски премиер Антонио Кошта да биде претседател на Европскиот совет, актуелната претседателка на Европската комисија, Германката Урсула фон дер Лајен да биде реизбрана на функцијата, а естонската премиерка Каја Калас да биде именувана за висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност. 

Но, Мелони чија партија Браќата на Италија (ФДИ) е најбројна во третата по големина група во Европарламентот, Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР), смета дека при носењето одлуки мора да се има предвид бројноста на нејзината групација. 

Според Мелони, се добива впечаток дека лидерите на ЕУ „се во искушение да ја пикнат прашината под тепих“, наместо да признаат дека многу европски гласачи се незадоволни од Унијата. 

Таа оцени дека ЕУ станала „инвазивен бирократски гигант“ и имињата на носителите на водечките функции во блокот биле усогласени без да се води сметка за „сигналите од гласачите“. 

Мелони побара Италија да добие „важно“ еврокомесарско место поврзано со економските ресори, а дополнително и кадар на ЕЦР да биде избран за извршен потпретседател или потпретседател на Европската комисија. 

Мелони нагласи дека секогаш ќе се бори против „олигархиската и технократска визија за политиката и општеството“ и оние кои се обидуваат да ја задржат моќта, дури и со ослабени позиции. 

Технички, Фон дер Лајен може да добие поддршка за реизбор од Европскиот совет и без гласот на Мелони, но европски дипломат за „Политико“ изјави дека иако е можен договор и без неа, тоа би било политички чувствителна одлука имајќи предвид дека италијанската премиерка не е само лидерка на третата по бројност група во Европарламентот, туку е и една од ретките европски лидери чија позиција зајакна по Европските избори. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан