• петок, 21 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Мелони внимателна за ограничениот прекин на огнот во Украина

Мелони внимателна за ограничениот прекин на огнот во Украина

Рим, 19 март 2025 (МИА) - Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска внимателно ја поздрави „хипотезата за прекин на огнот“ ограничена на енергетската инфраструктура во Украина, но изрази уверување во преговорите што ги иницираше американскиот претседател Доналд Трамп.

Трамп за време на двочасовниот телефонски разговор вчера  се согласи со неговиот руски колега Владимир Путин за прекин на огнот ограничен на енергетската инфраструктура, како што се електрани, трансформатори или гасоводи.

Американскиот претставник Стив Виткоф синоќа изјави дека Вашингтон сака 30-дневно примирје, кое Киев допрва треба да го прифати, додавајќи дека прекинот на огнот ја вклучува целата инфраструктура.

Меѓутоа, Кремљ денеска објави дека прекинот на огнот се однесува само на енергетскиот сектор, а не и на другата инфраструктура.

-Можноста за делумен прекин на огнот ограничен на стратешката инфраструктура на Украина би претставувала многу мало отворање според она што го договорија Трамп и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, рече италијанската премиерка во парламентот.

Украина, под притисок на Вашингтон, ја прифати идејата за безусловен 30-дневен прекин на огнот, што Москва го отфрли.

-Ги поддржуваме напорите на претседателот Трамп. Според мене, тој е силен лидер кој секако може да постави услови за да обезбеди праведен и траен мир, додаде италијанската премиерка, наведувајќи дека е важно да се добијат „безбедносни гаранции“ за Киев.

Џорџа Мелони е единствениот европски лидер кој присуствуваше на инаугурацијата на Трамп во јануари. Таа се обидува да избегне каква било критика кон него. Таа неодамна нагласи дека Италија нема да испрати сили за одбрана на можното примирје, оценувајќи дека тоа би било „ризично и не толку ефективно“.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан