• среда, 25 декември 2024

Мексико Сити ја заменува статуата на Колумбо со лик на староседелка

Мексико Сити ја заменува статуата на Колумбо со лик на староседелка
Мексико Сити, 7 септември 2021 (МИА) - Статуата на Кристофер Колумбо среде Мексико Сити ќе биде заменета со отелотворение на жена староседелка, соопштија властите во пресрет на 200-годишнината од независноста на Мексико. Ликот на италијанскиот морнар, кој беше отстранет лани откако демонстранти почнаа да го уриваат, ќе биде преместен „на безбедно, достоинствено“ место, соопшти Националниот институт за антропологија и историја. Но, ќе биде заменет со скулптура од жена од народот Олмеци - древна мезоамериканска племенска заедница, која живеела во денешно Мексико. Новата статуа е изработена од мексиканскиот уметник Педро Рејес, истакна градоначалничката на Мексико Сити, Клаудија Шајнбаум. - Домородните жени се можеби најнеправедно претставени во историјата на Мексико, односно им е оддадено најмалку признание. Оваа одлука е и чин на социјална правда, како и признание за 500 години отпор на староседелците од освојувањето од страна на Шпанија, рече таа. Активистите лани одржаа протест наречен „Ајде да го урнеме“, на 12 октомври - датум што го одбележува доаѓањето на Колумбо во Америка, 1492 година. Во Мексико, датумот се слави како Ден на натпреварот - во знак на мешаното домородно и европско наследство на земјата. Статуата во Мексико Сити, која беше оштетена и во 1992 година, првпат е поставена на авенијата „Реформа“ во 1877 година. Министерството за култура при отстранувањето изјави дека статуата е тргната заради реставрација.  си/

Остани поврзан