• петок, 27 декември 2024

Медијацијата алтернатива на судската постапка, решение во договор со двете страни

Медијацијата алтернатива на судската постапка, решение во договор со двете страни
Скопје, 7 јануари 2022 (МИА) – Во процесот на медијација, нема победници и губитници, нема наметнување решение, нема потреба некој друг да одлучува наместо странките во постапката. Самите страни со помош на квалификувано лице – медијатор за посредување заеднички наоѓаат конструктивно прифатливо решение. На суд, судијата те суди, и речиси секогаш едната страна губи, другата победува, само во процесот на медијација сите страни во спорот се согласуваат на решение што им одговара, односно сите се победници.     Всушност, медијацијата ја надополнува судската постапка и може да започне како алтернатива на судската постапка. Доколку во првостепена судска постапка за одредени видови спрови, судијата утврди дека спорот е погоден да се реши по пат на медијација, на страните може да им ја препорача таа опција. Страните, откако доброволно ќе одлучат нивниот спор да се решава по пат на медијација, можат да одберат медијатор од Именикот на медијатори. Доколку не можат да се согласат за изборот на медијатор, тогаш судијата тоа го прави во нивно име. Во Комората на медијатори на Република Северна Македонија се запишани 46 лиценцирани медијатори. Процесот на медијација може да почне од денот кога страните во спорот во писмена форма се согласиле дека ќе учествуваат во медијацијата, а потоа лично, односно Судот ќе го извести медијаторот дека е избран за медијатор во дадениот спор. Медијаторот иницира средби со страните во спорот, кои на почетокот вообичаено се одделни со секоја страна, а потоа ги закажува во согласност со одлуката на двете страни. Притоа се договара времето, местото на заедничка средба, на која медијаторот ги добива првичните информации за позициите на страните на спорот, како и за нивното видување на спорот. При првиот директен контакт со страните, медијаторот треба да утврди дали страните се согласни да пристапат на медијација и дали имаат желба да се реши спорот. Личниот пристап на медијаторот ја детерминира целата атмосфера во која ќе се одвива медијацијата. Затоа медијаторот треба да биде пред сè трпелив, добар слушател, да знае да поставува соодветни прашања, да поседува комуникациски вештини - вербални и невербални, односно да испраќа сигнали со телото (како кимање со глава, соодветен израз на лицето, рацете да не се прекрстени, со телото наведнато нанапред), да ги повторува - парафразира клучните изјави на страните, како и да го сумира изјавеното. Започнувањето, текот и завршувањето на медијацијата се одвиваат во фази што се надоврзуваат една на друга, притоа медијаторот обезбедува примена на принципите на доверливост, рамноправност, неутралност, транспарентност, правичност, ефикасност и ефективност. Со новиот Закон за медијација поблиску до Директивата на ЕУ за медијација во граѓанските и стопанските спорови Новиот Закон за медијација, кој неодамна беше изгласан во Парламентот, има за цел приближување на земјата кон Европската Унија, која, пак, во ситуација на разрешување конфликтни и спорни ситуации акцентот го става на алтернативното решавање на споровите и медијацијата како еден од нив. Со новото законско решение ќе се овозможат услови за успешна примена на Законот во практиката, ќе се овозможи уедначена примена на законските одредби од страна сите медијатори, ќе се промовира медијацијата и резултатите од нејзината примена. Во Законот се разработени начелата на медијацијата, целосно усогласени со Директивата на Европската Унија 2008/52/ЕС за медијација во граѓанските и стопанските спорови, како што се начелото на доброволност на медијацијата, начелата на рамноправност и неформалност, непристрасност, доверливост, достапноста на информациите од медијацијата во другите постапки, еднаквост на страните, правичност, ефикасност и економичност. Предвидена е и новина во однос на начинот на полагање на испитот за медијатор пред комисија што ќе влијае на создавање квалитетен, стручен и обучен кадар, кој успешно ќе ги извршува работите од областа на медијацијата. За медијацијата, како што велат експертите, клучна е довербата, па оттука од големо значење е која личност ќе биде определена за лиценциран медијатор како лице што правилно ќе ги насочува страните во спорот кон постигнување заемна спогодба. Централен електронски регистар за евидентирање предмети на медијација Со востановувањето Централен електронски регистар за бројот на примени барања за медијација и нивниот тек ќе се добијат податоци што ќе ги дадат параметрите на применливоста и успешноста на медијацијата во практиката и ќе се овозможи, врз основа на запишаните предмети во Регистарот, медијаторот да го оствари правото на субвенционирање на постапките за медијација. Исто така, законското решение предвидува да се доуреди составот, надлежноста и начинот на работењето на Одборот за медијација, како тело надлежно за работите на медијацијата. Со решенијата што ги нуди новиот Закон, чиј предлагач е Владата, ќе се зајакне медијацијата во нашата држава и ќе се обезбеди заслуженото место, а од друга страна, ќе зајакне правната сигурност на граѓанинот и ќе му овозможи на многу побрз и сигурен начин да ги оствари своите права и интереси. Со Меморандумот за соработка што го потпишаа Комората на медијатори и Владата, меѓу другото, им се препорачува на јавните претпријатија и на државните органи да ја препорачаат медијацијата пред да одат во судска постапка. Постапката на медијација не смее да трае повеќе од 60 дена, но практиката покажува дека спорот се решава по само неколку состаноци. Статистиката на Министерството за правда укажува на фактот дека страните што влегле во постапка на медијација имаат голема шанса да го надминат спорот. Првите резултати од определбата на Владата за унапредување на медијацијата – практикување и промовирање на концептот на медијацијата, веќе се видливи со формирањето на новата Комора на медијатори во јули 2017 година. Бројката на медијации од 2007 до 2016 година не можеше да достигне ниту до трицифрен број, а веќе од 2017 година се забележува драстична разлика, односно вкупно 2.600 предмети се заведени во регистарот на Министерството за правда. Кампања на Министерството за правда за поголема афирмација на медијацијата Со цел приближување на медијацијата до граѓаните, Министерството за правда во 2022 година ќе спроведе неколкумесечна кампања за овој вонсудски метод за решевање на споровите. За таа цел, како што најави портпаролот на Министерството за правда, Александар Видиновски во јануари официјално ќе биде означен почетокот на кампањата, ќе биде претставена веб-страницата за медијација, направени се трите видеоспота на кои на наједноставен начин ќе се објасни принципот на медијација, ќе има рекламен материјал во форма на плакати, а ќе се постават и клик-банери на повеќе портали, кои ќе бидат поврзани со веб-страницата за кампања. Даниела Маркоска Алексовска

Остани поврзан