• четврток, 26 декември 2024

Медиумската фела повика на солидарност, слободата се уште ограничена, мал просторот за независно новинарство

Медиумската фела повика на солидарност, слободата се уште ограничена, мал просторот за независно новинарство

Скопје, 3 мај 2023 (МИА) - Безбедни, слободни и социоекономски ослободени новинари е главниот предуслов за слободно и професионално новинарство како столб на демократијата, порачаа Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, кои го одбележуваат Денот на слобода на медиумите - 3  Мај со крводарителска акција и порака за солидарност и сплотеност. 

-Служиме на јавноста, не на политичарите, а ограничувањето на нашата слобода ги загрозува правата на сите, истакна претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски на прес-конференцијата по повод крводарителската акција, што се одржа во Домот на хуманитарни работници „Даре Џамбаз“, на иницијатива на ССНМ.

Факт е, наведе Чадиковски, дека денес уживаме повеќе слобода на говор од пред десетина години. Но нашата слобода, додаде тој, мора да признаеме дека е се уште ограничена, бидејќи малиот пазар на којшто ние вирееме,  живееме и работиме остава малку простор за независно новинарство, со што дел од медиумите се уште се потпираат на политички или стриктно бизнис интереси.

-За да го вратиме достоинството на нашата професија мора да поставиме приоритети и да се спротивставиме на медиумската олигархија која е испреплетена со политиката и бизнисот, рече Чадиковски. 

Тој порача дека новинарските работници никогаш и ниту сега не бараат пари од Владата, но оти парите на граѓаните треба да се искористат за подигнување на квалитетот во новинарството. 

Го повтори барањето за финансиска независност и продлабочување на реформите во Јавниот национален сервис преку носење квалитетни законски решенија со што ќе се гарантира улогата на информативните програми.  Оцени дека напредокот во извештајот на Репортери без граници е резултат на издејствуваните измени на Кривичниот законик, со којшто медиумските работници добија статус на службени лица и на Законот за граѓанска одговорност со кои што казните за новинари во делот на навреда и клевета се намалија за четири до пет пати.

-Тој извештај не треба да не залажува, не треба да мислиме дека сме задоволни со тоа. Мора да работиме многу посуштински и подлабоко бидејќи не е само носењето закони, потребна е и нивна имплементација и создавање вистински амбиент за слободно и независно новинарство на сите новинари. Сакаме да испратиме порака да се подигне свеста за неопходноста од подобрување на безбедноста и на социоекономското опкружување на новинарите и медиумските работници, значи снимателите, фоторепортерите, сите кои работат во медиумите како начин да се унапреди слободата на изразување како осново човеково право и зајакнување на улогата на нашите медиумски организации во процесот на креирање политики а зошто е тоа многу важно ќе видите и малку подоцна, рече Чадиковски. 

Според претседателот на ССНМ Павле Беловски,  иако има скок во Извештајот на Репортери без граници, како што рече, укажувањата во овој извештај се многу подлабински и посериозни. 

-Се соочуваме со многу сериозни проблеми. Овде само би ги напоменал – лошата социоекономска сигурност на новинарите и медиумските работници, лагите, дезинформациите и имаме некои нови состојби на кои ние како членски организации постојано укажувавме, а тоа е политизирање на медиумите. Односно, ако порано имавме политичко влијание во медиумите, сега веќе имаме и партиски медиуми, една нова форма, но и во друга прилика ќе говориме на овие теми, рече Беловски. 

Како што оцени, социоекономската состојба на новинарите и медиумските работници се повеќе се продлабочува и не се подобрува.  

-Повеќе од две третини од новинарите и медиумските работници во Република Македонија земаат просечна или потпросечна плата. Не се почитуваат дури ни основните работнички права, правото на годишен одмор или прекувремена работа или слично. Но, тоа што нас најмногу не загрижува тоа е прегаријатот каде што имаме најголем проблем. Огромен број од колегите се соочуваат со закана за губење на работните позиции, бидејќи не им се сигурни, работат со договори на определено или договори на дело без социјално или пензиско осигурување. Но, да не обесхрабрувам борбата продолжува. Ние тука немаме дилема, рече Беловски, укажувајќи на потребата од сплотеност, солидарност, солидарност и хуманост без кои нема напредок.

Новинарската фела укажа и на проблемите на локалните медиуми, предупредувајќи повторно дека  во локалните средини ќе нема медиуми ако продолжат сегашните трендови со нивно згаснување поради немање средства за работа.

-Најголем дел се пред згаснување  и во катастрофална состојба, што е последица на тоа што најголем дел од рекламниот колач се знае каде заминува, во локалните медиуми не оди речиси ништо. Тогаш во внатрешноста  ќе го немаме проблемот да се бориме за слобода на медиумите - ќе немаме иднина, рече претставникот на локалните медиуми, Тони Михаилов.

Толку е лоша состојбата што, како што рече, според последните информации од колегите, во Охрид и Струга се згаснати три телевизии и неколку радија, по две телевизи се згаснати и во југоисточниот  и во источниот регион, а другите се во катастрофална состојба. Помал е бројот на медиуми што работат со релативно доволен број новинари и техничари. Во една телевизија има по двајца, техничар и новинар. Во Источниот регион нема медиуми во Малешевијата,  Македонска Каменица, Виница, во југоисточниот дел има само пет, во Битола од 35 новинари  во 2015 година сега имаме десетина, во Штип е иста ситуацијата, од 30-ина сега се активни најмногу 15. 

-Причината се средствата. Тука секогаш е дилемата на враќање на тој фамозен член од Законот, за државни пари во медиумите или фонд за медиуми. Новинарите и медиумите во внатрешноста не ги интересира која ќе биде формата,  туку сакаат да имаат одредена поддршка. Во спротивно, ако државата не сака да има локални медиуми, нека продолжи вака и остава простор за порталите кои знаеме дека се  најголеми генератори на говорот на омраза, рече Михаилов. 

Дописниците, како што укажа, со исклучок на дописникот на МИА од Штип и на другите места, работат од дома. -Замислете ќе отиде дома, ќе готви јадење, детете ќе и плаче, а таа ќе подготвува прилог. Замислете какви се тие услови за работа и за каква слобода на тој новинар говориме кога нема основни услови, подвлече Михаилов. 

Соработката на новинарите и медиумите со Црвениот крст е одлична  и тие, како што беше порачано, се најголемите поддржувачи за промоција на делувањето на оваа хуманитарна организација.   

- Пренесувате одлична порака  дека без разлика какви и проблеми да имаме треба да останеме социјално одговорни и да бидеме хумани и да даруваме крв,  им порача на новинарите  Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвениот крст.

Очекуваат 30 до 40 дарители, а како што укажа, крвта е единствениот лек што не може да се купи во аптеките, тоа е нешто што мора да си го делиме меѓусебе.

- Вие денес како  многу важно  и моќно оружје во нашето општество  ја пренесувате таа порака  до помладите генерации бидејќи статистиките говорат дека семејството на доброволни дарители старее и нам ни се потребни нови млади луѓе кои крводарителството ќе го стават во својата агенда на живеење, рече Тунева Пауновска. 

Во крводарителската акција на новинарите се приклучи и евроамбасадорот Дејвид Гир нагласувајќи дека постоењето на слободни и плуралистични медиуми е витално за демократијата и за севкупната отпорност на сите општества. 

-Со гордост се приклучив на денешната акција за дарување на крв што ја организираат нашите партнери, Самостојниот сидикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинари на Македонија, затоа што делиме исти цели. А крводарителството спасува животи, исто како што професионалното новинарство е крвта на демократијата и на отворените општества, рече Гир. лв/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан