• среда, 25 декември 2024

Медиуми: Џонсон тајно ја посети Венецуела

Медиуми: Џонсон тајно ја посети Венецуела

Лондон, 10 март 2024 (МИА) - Поранешниот британски премиер Борис Џонсон минатиот месец тајно отпатувал во Венецуела на неофицијални разговори со лидерот на таа земја Николас Мадуро, објавија денеска британските медиуми.

Според извештаите, Џонсон разговарал со Мадуро за Русија и Украина, и покрај тоа што Велика Британија не ја признава легитимноста на владата на Мадуро.

Се вели дека разговорите меѓу Џонсон и Мадуро за војната во Украина дошле во услови на загриженост меѓу западните влади и разузнавачката заедница дека Венецуела би можела да и доставува оружје или друга воена помош на Русија.

Џонсон и венецуелскиот претседател разговарале и за условите за нормализирање на меѓудржавните односи, имајќи предвид дека Велика Британија не ја прифаќа легитимноста на 11-годишното владеење на Мадуро.

Од кабинетот на поранешниот британски премиер соопштија дека министерот за надворешни работи на Велика Британија Дејвид Камерон бил запознаен со посетата на Џонсон, а Џонсон за посетата разговарал и со Колин Дик, британскиот амбасадор во Венецуела.

Неименуван извор од Форин Офисот потврди дека Џонсон го информирал Камерон за средбата со Мадуро, велејќи дека станува збор за приватна посета и бидејќи тоа не е официјална средба „не се бара дозвола“.

-Борис Џонсон се сретна со претставници на венецуелската влада со знаење на британскиот министер за надворешни работи за да ја нагласи потребата Венецуела да прифати соодветен демократски процес. Тој неколкупати јасно стави до знаење дека не може да има услови за нормализација на односите додека Венецуела целосно не ја прифати демократијата и почитувањето на територијалниот интегритет на соседите, изјави портпаролот на Борис Џонсон.

Венецуела има најголеми резерви на нафта во светот, го поддржува рускиот претседател Владимир Путин и го обвинува НАТО за руската инвазија на Украина, се наведува во текстот. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан