• среда, 18 декември 2024

Медиуми: Унгарија шпионирала претставници на ЕУ во Будимпешта

Медиуми: Унгарија шпионирала претставници на ЕУ во Будимпешта

Будимпешта, 6 декември 2024 (МИА) - Унгарските разузнавачки служби шпионирале претставници на Европската Унија за време на нивните посети на Будимпешта, со тоа што агентите ги претресувале нивните хотелски соби и преземале информации од лаптопите, се наведува во заеднички извештај на белгискиот весник „Де Тијд“ и унгарската невладина организација „Директ36“, објавен денеска.

Според извештајот, унгарската разузнавачка агенција ИХ собирала информации и од унгарски граѓани кои работат во институциите на ЕУ, преку убедување за соработка или тајно шпионирање.

Се посочува дека европските претставници биле прислушувани со години, а посебно во последниот период тие често патувале во Будимпешта, бидејќи Унгарија претседава со Советот на ЕУ од јули до крајот на годината.

Белгискиот весник пишува дека е направена распределба во рамките на ИХ со цел да се следат функционерите на институциите на ЕУ.

Извештајот особено се занимава со шпионирањето на истражителите од Канцеларијата за борба против измами на ЕУ (ОЛАФ) помеѓу 2015 и 2017 година.
ОЛАФ ја истражуваше можната злоупотреба на фондовите на ЕУ и затоа испраќаше службеници во Унгарија во четири наврати.

Во извештајот се наведува дека унгарските разузнавачи ги снимале телефонските повици на истражителите на ОЛАФ, ги следеле и ги шпионирале нивните приватни состаноци.

Според изворите на Де Тијд, имало период кога речиси сите делегации на ЕУ кои биле во посета на Унгарија биле шпионирани. ссм/

Остани поврзан