• сабота, 23 ноември 2024

МД „Илинден“: УКИМ да не ги поткопува изучувањето на македонскиот јазик и развојот на македонистиката на Универзитетот во Тирана

МД „Илинден“: УКИМ да не ги поткопува изучувањето на македонскиот јазик и развојот на македонистиката на Универзитетот во Тирана

Тирана, 7 декември 2023 (МИА) - Македонското друштво „Илинден“-Тирана упати јавен апел до институциите за заштита на националните и државни интереси барајќи од УКИМ, како што стои, да не ги поткопува изучувањето на македонскиот јазик и развојот на македонистиката на Универзитетот во Тирана.

-Од формирањето на нашето друштво, во 2009 година, ние, Македонците од Албанија водиме борба за статусот на македонскиот јазик на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана. По 14 години залагања и барања, оваа година првпат во историјата се доби работно место за лектор по македонски јазик на Универзитетот во Тирана и прашањето за македонистиката во Албанија стана официјален македонски државен приоритет, стои во апелот.

Низ годините, се додава, се обраќавле до многу македонски институции, на највиско ниво, но конкретен резултат немало.

-Но постигнавме успех откако на крајот на минатата година, со иницијатива за реактивирање на Лекторатот, првпат се обративме до Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. И тоа се постигнало само за неколку месеци, благодарение на секојдневните големи залагања на тогашната директорка на Семинарот, проф. Весна Мојсова-Чепишевска и на тогашниот тим на Семинарот, со поддршка од тогашниот ректор на УКИМ, Никола Јанкуловски и со волјата на надлежните државни институции, се наведува понатаму.

Друштвото искажува незадоволство од односот на новото раководство на УКИМ и на Семинарот, за некомункацијата со нив, како и за изборот на лектор, лице кое според друштвото „нема ни студирано македонски јазик или македонска литература и што досега нема држено настава по македонски јазик. За такво лице, воопшто не знаеме дали ќе може да ја работи работата во Лекторатот“.

- Ова ни се случува во период кога и ние, македонското малцинство во Албанија и нашата матична македонска држава, овде се соочуваме и со засилени обиди за антимакедонски влијанија и пропаганди од субјекти од трети страни. За жал, сегашното постапување на УКИМ и Семинарот може да се искористи во прилог на таквите влијанија и пропаганди, спротивно и на македонските национални интереси и ние мораме да алармираме, стои во апелот.

Уште еднаш „мораме да нагласиме дека ние бевме и сме подготвени со сите наши сили да придонесеме Лекторатот по македонски јазик да се популаризира и да има што повеќе студенти“.

-Но, откако од за нас непознати причини, Семинарот има нова директорка, Кристина Николовска, тоа не можеме да го направиме, затоа што од тој момент и Семинарот, и УКИМ немаат соработка и комуникација со нас, иако за успешно остварување на вакви иницијативи во Албанија, нужно е да се има тесна соработка со своето малцинство. И ректорката, Ангелова не одговори на нашето барање за средба, иако, претходно, уште во средината на септември, официјално, со допис од претседателот на Друштвото ја информираше дека сме подготвени да помогнеме и со кампањи, настапи и поддршка во активностите со кои студентите ќе се информираат дека Лекторатот започнува со работа и дека можат да студираат/учат македонски јазик, наведува друштвото. вт/мд/

Остани поврзан