• среда, 25 декември 2024

МД „Илинден“: Мајчиниот јазик да се негува и чува како светост бидејќи е најголемо обележје на националниот идентитет

МД „Илинден“: Мајчиниот јазик да се негува и чува како светост бидејќи е најголемо обележје на националниот идентитет

Тирана, 26 септември 2024 (МИА) - Македонското друштво „Илинден“ - Тирана по повод одбележувањето на 26 Септември, Ден на европските јазици упати честитка до сите Македонци каде и да се, со порака мајчиниот јазик да се негува и чува како светост бидејќи тоа е најголемото обележје на националниот идентитет.

-Сакаме да го истакнеме значењето на образованието на мајчиниот јазик, бидејќи тоа е најважниот сегмент во негувањето на основните обележја на еден народ. Знаењето и негувањето на мајчиниот јазик за децата значи и јакнење и зачувување на националниот и културен идентитет, стои во честитката на Друштвото, потпишана од претседателот Никола Ѓурѓај.

Од Друштвото посочуваат дека треба да се научат и други јазици, затоа што јазичната разновидност е алатка за стекнување поголемо меѓукултурно разбирање и важен дел од богатото наследство на европскиот континент.

Според Друштвото, за жал и во 21 век Македонците во Албанија не може да се образуваат на мајчиниот јазик.

-И покрај континуираните барања во изминатите повеќе од три децении од падот на тоталитарниот режим да се овозможи настава на мајчин македонски јазик, сите досегашни албански власти остануваат глуви и слепи на реалноста. Освен за децата во Пустец иако и таму нецелосно, настава на македонски јазик нема ниту во Гора, ниту во Голо Брдо, каде настава на македонски имало до педесеттите години од минатиот век, а да не зборуваме за Тирана, Елбасан и други градови каде што живеат илјадници Македонци, забележува друштвото „Илинден“. вт/мд/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан